23 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕЦБ: Невработеноста во еврозоната е повисока отколку што покажуваат официјалните податоци

ЕЦБ: Невработеноста во еврозоната е повисока отколку што покажуваат официјалните податоци

Невработеноста во еврозоната е повисока отколку што покажуваат официјалните податоци и тоа продолжува да врши притисок врз растот на платите. Тоа го покажува истражувањето на Европската централна банка (ЕЦБ), цитирано од Ројтерс.

Во својот извештај банката ја објаснува очигледната недоследност меѓу намалувањето на невработеноста и слабото зголемување на платите со тоа дека показателот за невработеноста исклучува некои лица кои не ги исполнуваат строгите статистички критериуми. Освен тоа се исклучуваат луѓето на скратено работно време, кои сепак бараат уште работа. И двете групи се причина за слабоста на пазарот на труд во еврозоната.

Откако ќе се направат корекции и ќе се вклучат информациите кои недостасуваат, невработеноста во еврозоната станува 15%, што е далеку над официјалните податоци за ниво од 9,5%. Единствено Германија покажува сигнали за затегнат пазар на труд.

„Во Франција и Италија широките индикатори за слабост на пазарот на трудот продолжуваат да се зголемуваат дури и за време на обновата. Во Шпанија и некои други економии од еврозоната овие индекси забележаа пад во последно време, но остануваат далеку над предкризисните нивоа“, пишува во извештајот на ЕЦБ.

„Нивото на поширокиот индикатор за слабост на пазарот на трудот е сеуште висок и најверојатно ќе продолжи да ја потиснува динамиката кај платите“, пишува во документот.

Реформите на пазарот на трудот, делумно иницирани од ЕЦБ, доведоа до раст во работата на скратеното работно време, кое им даде на работодавците флексибилност. Како резултат на тоа, компаниите вработуваат повеќе лица на скратено работно време или пак привремени работници, наместо да им дадат на сегашните вработени повеќе работа и плата.

Според проценките на ЕЦБ околу 3,5% од работоспособното население се смета за статистички неактивно, иако брзо би можеле да се вклучат во работната сила. Други 3% работат помалку отколку што би им се сакало. Така невработеноста станува со 3 процентни поени над предкризисните нивоа.

Друг проблем за ЕЦБ би бил тоа што повеќето од новите работни места се во услужниот сектор, каде продуктивноста на трудот расте побавно и го ограничува потенцијалот за зголемување на платите.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП