23 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСе одржа 13-тиот скопски маратон(фото)

Се одржа 13-тиот скопски маратон(фото)

На 13-тото издание на скопскиот маратон и годинава најдобар беше маратонецот Кипротич Кируи од Кенија, двократен шампион на маратонот, при што годинава стазата долга 42 километри ја истрча за 2 часа и 12 минути.

Второто и третото место го освоија неговите сонародници Едвин Кипруто и Самуел Кимутаи Киптум. Од македонските маратонци најдобар беше Александар Кираџиев кој на целта пристигна шести, а тој воедно е прогласен и за национален победник во маратонот.

„Задоволен сум од резултатот и времето за кое истрчав, односно за 2 часа и 41 минита. Ви благодарам на сите што ме бодревте да издржам до целта“, рече Кираџев по примањето на наградите и медалот. На второ и трето место се најдоа Кокан Ајановски и Игор Јакимовски.

Во женска конкуренција исто така славеше Кенија, при што најдобра беше Стела Барсосио, која оствари и нов рекорд на патеката кај дамите од 2 часа, 33 минути и 42 секунди.

Во категоријата полумаратон на стазата долга 21 километар најдобри беа  Дарио Ивановски, Атанас Анчевски и Милош Ранчиќ, сите тројца од Македонија. Во женска конкуренција првите три места ги зедоа трите сестри близначки  Лејла, Лина и Лили Луик од Естонија. Интересно е што трите сестри до целта пристигнаа во исто време, односно имаа скор од 1 час, 26 минути и 7 секунди.

Од домашните натпреварувачки, 21 километар најбрзо истрча Весна Кираџиева, втора беше Билјана Кираџиева, а трета Катерина Шиповиќ. „Прекрасно се чувствувам и препорачувам сите кои имаат желба да се посветат на овој прекрасен спорт и да се испробаат и овде на маратонот“, рече Весна Кираџиева.

На маратонот учествуваа 8.500 учесници од 51 држава од светот, а настанот го следеа голем број граѓани кои по улиците ги бодреа навивачите. Меѓу натпреварувачите на маратонот имаше и претставници од јавниот и културниот живот, а меѓу нив трчаше и евроамбасадорот Самуел Жбогар.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП