24 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРА„Изгубеното момче“ на Томас Вулф на македонски јазик

„Изгубеното момче“ на Томас Вулф на македонски јазик

Новелата „Изгубеното момче“ од американскиот писател Томас Вулф, во превод од англиски јазик на Сибел Ајдинова, е објавена во издание на „Македоника“.

„Изгубеното момче“ е автобиографска проза во која Вулф раскажува приказната за своето семејство и за страдањата поради смртта на својот брат кој умира од тифус на дванаесетгодишна возраст.

Приказната е меланхолична, се состои од четири дела, раскажана од четири лица, видена од четири агли, но со висока реторичка вештина и лирска стилска изведба. Вулф е познат по мешањето на оригинални, поетски, рапсодични и импресионистички стилови. И во ова кусо дело тој го покажува своето големо раскажувачко мајсторство.

Томас Клејтон Вулф (1900 – 1938) е познат американски писател од триесеттите години на дваесеттиот век. Автор е на четири романи и повеќе раскази, драмски дела и повести. Неговите романи се автобиографски или полуавтобиографски дела. Напишани се со висока реторичка вештина и стилска изведба. Негови најпознати дела се: „Погледни го својот дом, ангелу“, „За времето и реката“ и „Пајажина и карпа“.

Првото негово дело „Погледни го својот дом, ангелу“ е објавено во 1929 година. Во него пишува за своите први спомени за родното место. Други негови познати дела, објавени за време на неговиот живот, се: „За времето и реката (белетристичка автобиографија), „Од смртта до утрото“, „Изгубеното момче“ и неколку куси раскази. Сите други негови познати дела се објавени по смртта: „Пајажината и карпата“, „Нема враќање во домот“, „Писма од Томас Вулф“, „Кратки раскази од Томас Вулф“ итн.

Во неговите дела, пишувани и публикувани во периодот на дваесеттите и триесеттите години на минатиот век, живо се одразени американската култура и обичаите од тој период, исфилтрирани преку чувствителната, софистицираната и хипераналитичката перспектива на авторот. По неговата смрт неговиот современик Вилијам Фонкер изјавил дека Вулф веројатно бил најталентираниот од неговата генерација бидејќи со своето влијание ги надминал делата на Џек Керуак, Реј Бредбери и Филип Рот. Томас Клејтон Вулф останува значаен писател во современата американска книжевност како еден од првите мајстори на автобиографска уметничка литература и се смета за најпознатиот писател во Северна Каролина.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП