20 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВести од светот

Вести од светот

najnovi-vesti1

Брисел – Иако не се остварија стравувањата дека поради кризата ќе дојде до големо повлекување на капиталот од регионот на централна и југоисточна Европа, најновите податоци покажуваат дека вториот бран за повлекување на капиталот на странските банки најмногу ги погоди Словенија и Унгарија. Ако се исклучат Русија и Турција, земјите на средна и југоисточна Европа лани останале без капитал во вредност од 1,8 отсто од БДП, додека Словенија и Унгарија се погодени значително повеќе и нивната загуба е околу 10 отсто од БДП.

Брисел – Холандскиот министер за финансии Јерун Дајселблум, кој исто така е шеф и на Еврогрупата, изјави дека Владата во Хаг ќе се спротивстави на плановите на 11 земји за воведување на контроверзниот данок на финансиските трансакции. Одговарајќи на прашањето на Економскиот комитет на Европскиот парламент, Дајселблум потенцира дека исклучиво зборува во својство на холандски министер за финансии, а не како шеф на Еврогрупата. Дајселблум рече дека данокот на финансиските трансакции сериозно ќе ги загрози пензиските фондови.

Виена – Словенија се наоѓа на врвот на ранг листата на корупција во деловниот живот, оценија 96 отсто менаџери кои учествуваа во студијата на консултантската компанија „Ернст и Јанг“. На второ место е Хрватска со 90 отсто, потоа следат Украина со 85, Грција и Словачка со 84 отсто, покажаа резултатите од анкетата спроведена меѓу менаџери во 36 земји во Европа, Блискиот Исток, Африка и Индија. За споредба, во Кенија 94 отсто од менаџерите сметаат дека корупцијата е вообичаена, во Нигерија 89 отсто, а во Египет 71 отсто.

Љубљана – На љубљанскиот аеродром во 2012 година поминале 1,16 милиони патници, што покажува е помалку за 14 отсто од претходната година. Околу милион патници ги превезол словенечкиот национален превозник „Адриа Ервејз“. Дури 84 отсто од патниците патувале со редовни летови.

Прага – Нето профитот на чешката енергетска група ЧЕЗ во првото тримесечје од говинава е зголемен за 24 отсто на годишно ниво и достигна 17,9 милијарди круни (696 милиони евра). Истовремено прометот е намален за 1 отсто на 60 милијарди круни. На зголемување на прометот влијаеше и прекинот на работата на филијалата во Албанија, вонредната добивка од трговијата со дозволи за емисија на јаглерод диоксид и вклучување на фирмата „Енерготранс“ во Групата ЧЕЗ.

Париз – Каматните стапки на станбените кредити, кои француските банки ги одобриле на физички лица, во април се најдоа на нов историски минимум од 3 отсто. Бројот на одобрените кредити во периодот февруари-април 2013 година, во однос на претходното тромесечје ноември-јануари, се зголеми за 2,1 отсто, додека растот на вредноста беше 9 отсто. Меѓутоа, на годишно ниво, сепак е забележан пад од 11,6 отсто.

Париз – Индустриското производство во Франција опадна за 0,9 отсто во март, по февруарскиот раст од 0,8 отсто, соопшти Националната агенција за статистика, Инсее. Индексот на преработувачкиот сектор во март се намали за 1 отсто по растот од 0,8 отсто во претходниот месец, се наведува во извештајот. Индустриското производство во првите три месеци е намалено за 0,4 отсто во однос на претходното тримесечје, додека преработувачкиот сектор забележа пад од 0,9 отсто.

Париз – Нето профитот на француската банка „Сосиете Женерал“ во првиот квартал е преполовен на 364 милиони евра, а банката најави дека до 2015 година планира да заштеди 900 милиони евра преку откази за повеќе од 1.000 вработни ширум светот. Француската банка лани веќе спроведе програма за штедење вредна 550 милиони евра. Генералниот директор на „Сосиете женерал“, Жан-Франсоа Самарчели, на прашањето дали банката ќе врачи над 1.000 откази, рече дека таа бројка ќе биде многу поголема, како и дека ќе вклучи 550 работни места во централата во Париз.

Париз – Профитот на француската банка „Креди Агрикол“ е двојно зголемен во првиот квартал, откако банката кон крајот на ланската година го среди својот биланс на состојби. Во првите три месеци од оваа година, нето профитот е зголемен за 50,7 отсто на 469 милиони евра, наведува банката. На резултатите на „Креди Агрикол“ во последните неколку квартали значајно влијаеа вонредните трошоци, посебно тие поради повлекувањето од грчката банка „Емпорики“.

Париз – Како и продажбата, така и производството на двата најголеми производители на автомобили во Франција, „Групата Пежо-Ситроен“ (ПСА) и „Рено“, опадна во првото тримесечје од оваа година за 32 отсто на околу 350.000 возила. Според податоците на Здружението на француските производители на автомобили, ПСА во Франција во посочениот период забележа пад на производството од 35,7 отсто на годишно ниво на 230.337 возила, додека „Рено“ има пад од 23,7 отсто и производство од 118.060 возила. Производството во светот на ПСА опадна за 18,8 отсто на 712,036 возила, додека „Рено“ во светски рамки произведе за 7,9 отсто помалку возила, односно 658.587.

Берн – Невработеноста во Швајцарија во април е намалена трет месец по ред и, според последните податоци, во земјата има 135.850 невработени лица. Како што соопшти Управата за вработување при Државниот секретаријат за економија на Швајцарија (СЕЦО), невработеноста во април е намалена за 0,1 отсто, односно за 3.142 лица и така сега нејзината стапка изнесува 3,1 проценти. Во поглед на стапката на невработеност, СЕЦО останува на проценките во 2013 година таа да изнесува 3,3 отсто. Сегашното намалување на невработеноста се толкува како потреба за поголем број сезонски работници во овој период, посебно во градежниот сектор.

Сан Франциско – За шест месеци од појавата на пазарот на „Виндоуз 8“,  „Мајкрософт“ продаде над 100 милиони лиценци за овој оперативен систем, соопшти корпорацијата. Според финансискиот директор на „Мајкрософт“, Тами Релер, ревидираниот „Виндоуз 8“, под кодно име „Виндоуз Блу“, ќе биде достапен до крајот на годината. „Осумката“, која на пазарот се појави на 26 октомври 2012 година, е прва десктоп платформа на „Мајкрософт“ оптимизирана за работа и со традиционалните персонални компјутери и со таблетите. Во тој систем голема надеж полагаат „Мајкрософт“ и многубројни производители на опрема кои очекуваат таа платформа да го заживее пазарот на персоналните компјутери, кој е во стагнација.

Њујорк – Инвеститорите треба да се воздржат од инвестиции во државни обврзници на САД, предупреди американскиот милијардер Ворен Бафет во интервју за телевизијата Си-Ен-Би-Си. – Со инвестициите на средства во долгорочни должнички хартии од вредност, инвеститорите можат да бидат во загуба, рече Бафет. Тој додаде дека ниските каматни стапки, како резултат на напорите на Федералните резерви на САД за стабилизација на националната економија, имаат негативно влијание на овие хартии од вредност.

Берндејл – Американската компанија „Кока-Кола“, која е најголем светски производител на безалкохолни пијалоци, планира да потроши 2 милијарди долари за проширување на плантажите за портокали на Флорида. – Се работи за инвестиција која е исклучително важна за нас, изјави директорот на „Кока-Кола Америка“, Стив Кахилејн. На новите плантажи ќе се посадат 5 милиони нови садници.

Тајпеј – Тајванската информатичка компанија „Ацер“ објави дека во првото тримесечје од оваа година остварила профит од 515 милиони тајвански долари (13,3 милиони евра), додека аналитичарите во просек очекува 195,9 милиони милиони тајвански долари. Остварените резултати на четвртиот светски производител на персонални компјутери е значаен напредок во однос на претходното тромесечје, кога „Ацер“ работеше со нето загуба од 3,37 милијарди милиони тајвански долари, но и во однос на истиот квартал лани, кога забележа профит од 331 милион милиони тајвански долари.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП