13 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРА„Континуум“ на Игор Јосифов во Сан Франциско

„Континуум“ на Игор Јосифов во Сан Франциско

По успешното десетдневно прикажување на мултимедијалниот проект „Континуум“ во Дефибрилатор центарот во Чикаго, САД, Игор Јосифов на 13 мај продолжува во Сан Франциско.

Домаќини на проектот во Сан Франциско ќе бидат „InSpace Curatorial“, платформа која се залага за промоција на современа и визуелна уметност. Јосифов изминатиот период беше лоциран во еден од најпознатите објекти за презентација на уметноста во Чикаго. Тој 19 до 29 април, пред американската публика го претстави „Континуум“, кој премиерно беше прикажан во Скопје на 14 декември 2016 година. Претставувањето во Чикаго беше активен перформанс по десет часа дневно. Присутните можеа да се вклучат во интеракција со уметникот и да партиципираат во неговото градење на „Континуум“.

„Континуум“ доби и патувачки карактер низ неколку градови во Македонија (Тетово, Кичево и Битола) со цел домашната публика подобро да го запознае концептот на работа и уметничкото творештво на Игор.

„Континуум“ е уметничка творба која го заокружува негово десетгодишно истражување и дружење со оганот како алатка, но не застанува тука. Како што и самото име кажува, „Континуум“ постојано се надоградува и продолжува.

Неговиот престој на границата меѓу Македонија и Грција во 2015 година беше поттик за подлабоко истражување и создавање нови дела кои сведочат за мигрантската криза.

„Континуум“ е мултимедијален проект кој набљудувачите го чувствуваат со сите свои сетила. Употребата на оган е само доказ дека оганот е во нас, а преку огнената рефлексија се трансформира во различни облици и форми.
Покрај користење на оганот како негов медиум, Јосифов изработува и дела од керамика и стакло.

Игор Јосифов е роден 1986 година во Кавадарци, а неговата работа е многу подобро позната надвор од границите на неговата родна земја. Во улога на уметник тој ги користи сите медиуми за создавање на своето творештво.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП