19 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАВалбона Атанасковска со изложба на дела „Импресии“

Валбона Атанасковска со изложба на дела „Импресии“

В петок (5 мај), во 20 часот, во ликовната галерија од Центарот за култура „Марко Цепенков“ ќе биде отворена изложбата на дела „Импресии“ од Валбона Атанасковска.

Ќе бидат изложени 18 дела преку кои уметницата ги пренесува своите впечатоци од различни патувања.

„Валбона Атанасковска иако е графичар се посветува на сликарството со чии средства најсоодветно го изразува својот темперамент и уметничка природа. Предмет на обработка ѝ се пејзажот, портретот и актот, што зборува за цврстата вкоренетост во сопственото опкружување. Нејзините пејзажи се изработени по сеќавање, но се полни со светлина и топол експресионистички сјај на бојата. Посебно внимание е дадено на контурната линија, како и на ритмичната поврзаност на целината. Во нив, сепак, преовладуваат живите колористички созвучја и експресивната модулација на широките обоени површини. Бона не се подведува по модерните трендови туку го следи својот инстинкт и ликовен резон. Нејзините дела го привлекуваат вниманието посебно со јасните форми, со боите од кои блика речиси детска радост и размена на енергија во два правци“, за нејзините дела вели Владимир Величковски, член на AICA.

Атанасковска по вторпат се претставува пред прилепските љубители на уметноста. Таа е дипломиран сликар од ФЛУ во Тирана, а во 1997 година завршила и ФЛУ во Скопје – отсек графика и дизајн. Член е на ДЛУМ, а досега реализирала изложби во повеќе градови во Македонија, во Албанија, во Германија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП