Велика Британија нема намера да плати 100 милијарди евра за излегувањето од ЕУ, изјавил во средата утрото британскиот министер за Брегзит, Дејвид Дејвис, пренесуваат светските агенции.
Дејвис порачал дека Велика Британија ќе го плати тоа што е според законот, а не „само тоа што го сака ЕУ“. Британскиот министер ваквиот коментар го направил по пишувањата во Фајненшал тајмс дека барањето на ЕУ за финансиска спогодба со Велика Британија е зголемено за 60 милијарди евра.
Тој рекол дека Велика Британија сериозно постапува кон своите „права и обврски“ кон ЕУ, додавајќи дека Унијата „игра грубо и тешко“. Европската комисија в среда ќе ги соопшти своите препораки за насоките во преговорите на ЕУ со Велика Британија околу излегувањето на земјата од членството во ЕУ.
Извори за Би-би-Cи навеле дека претставниците во Брисел нема да дискутираат за можните финансиски договори кога е во прашање истапувањето на Велика Британија од Унијата.