Шпанската економија во првиот квартал од 2017 година порасна по стабилна стапка, така што земјата продолжува да закрепнува од кризата.
Бруто домашниот производ (БДП) на Шпанија во периодот јануари-март порасна за 0,8 проценти, што е малку повеќе во однос на растот од 0,7 проценти од претодниот квартал, според прелиминарните податоци на националниот институт за статистика INE, пренесува агенцијата Франс прес.
Шпанскиот премиер Маријан Рахој минатата недела ја зголеми проценката за растот на шпанската економија за 2017 година, на 2,7 проценти поради посилните перформанси од почетокот на годината од очекуваните.
Тоа, сепак, е пониска стапка на раст во однос 2016 година, кога економијата порасна за 3,2 проценти, благодарение на скокот на потрошувачката, извозот и силниот сектор за туризам.
Шпанија, сепак, и понатака се соочува со стапка на невработеност од 18,7 проценти во првиот квартал, што е втората најголема стапка на невработеност во еврозоната после Грција.