4 мај, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОВардар го декласира Фленсбург, одиме во Келн!(фото)

Вардар го декласира Фленсбург, одиме во Келн!(фото)

Ракометарите на Вардар изборија пласман во Келн, на завршниот турнир во Лигата на шампионите. Вардар во четвртфиналниот двомеч, го победи Фленсбург, најпрвин во Германија 26:24, а потоа и во реваншот во Скопје 35:27.

Вардар, во четвртиот обид конечно успеа да се пласира во елитната четворка на европскиот ракомет и на почетокот на јуни ќе биде дел од завршниот турнир во Лигата на шампионите, во Келн.

Екипата, која од клупата ја предводи Раул Гонзалес, во двата четвртфинални натпревари, го надигра аспирантот за германскиот ракометен трон, Фленсбург. Овој тим пред четири години, само поради поголемиот број на голови постигнати на гостински терен, му оневозможи на Вардар да игра на завршниот турнир.

Вардар тактички и играчки го декласира Фленсбург. Особено импресивни „црвено-црните“ беа во дефанзивата со која раководеше голманот Штербик. Вардар, на еден од напаѓачки најдобрите тимови, му дозволи 24 голови во првиот и 27 во вториот натпревар.

Дека нема што да бараат во реваншот Вардар на играчите на Фленсбург им покажа од првата секунда. Вардар го контролираше резултатот, константно ја одржуваше предноста од два гола, а портите кон Келн ширум ги отвори по 20 минути игра, кога на семафорот стоеше 10:6. Првиот дел заврши со пет голови повеќе на контото на „црвено црните“.

Фленсбург се обиде на стартот од вториот дел да притисне, да се врати во натпреварот, три пати имаше три гола негатива, но тогаш Вардар го зададе завршниот удар, при резултат 21:17, избраниците на Раул Гонзалес направија серија од пет гола и во 45 минута имаа недостижни 26:17.

Германците тука се откажаа, а Вардар последните десет минути ги искористи да изведе неколку атрактивни акции со кои ги почести своите симпатизери.

Штербик повторно блескаше на голот, имаше 11 интервенции, а стреците ги предводеа Циндриќ со седум, односно Шишкарев и Душебаев со по пет гола.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП