6 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈА„VoiceUp“ во пет градови во Македонија

„VoiceUp“ во пет градови во Македонија

Во рамките на проектот „VoiceUp“, а под мотото „Сликни, сними, сподели“ во вторник, на 25 април, од 19 до 21 часот, ќе се одржи мултимедијален коктел преку кој ќе се спои физичкото со виртуелното присуство во пет градови во Македонија преку лајв-стрим.

Проектот „VoiceUp“ е насочен кон сите креативци заинтересирани за создавање постери, фотографии, музика, кратки филмови и секакви аудио, визуелни и аудио-визуелни содржини преку кои ќе одекне нивниот глас, став, мислење и идеја за сите прашања кои ги засегаат нив и нивното опкружување. Проектот „VoiceUp“ е имплементиран од страна на Здружението за ширење на филмската култура „Џифони-М“, Скопје.

Во последните 6 месеци, тимот на „VoiceUp“ одржа еднодневни средби со учесниците во Битола, Свети Николе, Скопје, Куманово и Гостивар, на кои се дискутираше за улогата на социјалните медиуми во денешното општество и за моќта на аудио, визуелните и аудио-визуелните содржини во насока на граѓански ангажман. Под водство на менторите за фотографија, музика, видео и графички дизајн, во текот на проектот беа изработени повеќе од 100 медиумски содржини во форма на фотографии и фото-есеи, постери, илустрации, кратки филмови и аудио содржини.

На 25 април, во секој од градовите истовремено ќе се случи мултимедијален коктел со изложба и презентација на сите материјали од учесниците, како и премиера на документарен филм кој се снимаше за време на проектот од страна на тимот на „VoiceUp“.
Мултимедијалните коктели ќе се одржат на следниве локации: Битола – „Rockafana“; Свети Николе – Меѓународен Славјански Универзитет „Г. Р. Державин“ (во бифе); Скопје – во „Јавна соба“; Гостивар – „The Pub“; и Куманово – „Bar Cube“.

Оние кои нема да бидат во можност да присуствуваат може да ги следат настаните во живо на веб-платформата на „VoiceUp“.
„Џифони-М“ – Скопје е граѓанска организација основана на 25.03.2013, која придонесува кон ширење на филмската култура и едукација на младите во Р. Македонија, учествува во нивниот личен развој преку неформална едукација (културни манифестации, работилници, семинари, форуми, волонтерски акции) и поттикнува меѓународна соработка и културна размена меѓу младите, граѓанските организации од областа на културата и сродните институции. „Џифони-М“ меѓу другото промовира иновативно и креативно образование, мултикултурна размена, инклузивност, право на слобода на мисла и говор, медиумска писменост, човекови права и заштита на животната средина.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП