3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАИ тоа се случи - Грција ги одушеви кредиторите

И тоа се случи – Грција ги одушеви кредиторите

Грција во 2016 година имала висок примарен буџетски суфицит од 3,9 проценти од бруто домашниот производ, објави грчката независна статистичка агенција.

Како што пренесува АП, вака висок примарен суфицит, во кој не се пресметани трошоците за сервисирање на долгот, би можел да и пружи олеснување за левичарската влада која не може да ги реши несогласувањата со кредиторите и да го одмрзне заемот за решавање на тешката финансиска ситуација, кој на Грција и е потребен до јули.

Кредиторите како посакувана цел го поставија примарниот суфицит од 0,5 проценти од БДП.

Министерот за финансии Еуклид Цакалотос во Вашингтон на годишниот состанок на Меѓународниот монетарен фонд планира да се состане со кредиторите со цел да се надминат несогласувањата и да се постигне договор во текот на наредниот месец.

Грција, која очекува напредок на состанокот со ММФ, ги повика ММФ и Германија да постигнат „компромис“ за намалување на јавниот долг на оваа земја.

„Сега е ред ММФ и Германија да направат отстапки со цел да се пронајде компромис“, изјави портпаролот на грчката влада Димитрис Цанакопулос, пренесува АФП.

Како што наведува АФП, Цанакопулос изјави дека договорот на ММФ и Германија би им овозможил на министрите за финансии на еврозоната продолжувањето на програмата за закрепнување на Грција да се усвои на наредниот состанок на 22 мај, со што ќе се отвори патот за нова исплата за Грција пред јули, кога за наплата и доаѓаат седум милијарди евра.

Планот е Грција да се подготви да може повторно да се задолжува на пазарите по август 2018 година.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП