30 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСе одржа годишната конференција на Македонската берза на хартии од вредност

Се одржа годишната конференција на Македонската берза на хартии од вредност

Денеска, по 18. пат се одржа годишната конференција на Македонската берза на хартии од вредност на која се разгледуваа работата на финансиските пазари, акционерското работење како модел за организација на фирмите, како и новитетите на финансиското работење и влијанието на новите технологии на работењето.

Според главниот извршен директор на Македонската берза на хартии од вредност, Иван Штериев, состојбите на берзанското тргување во Македонија се задоволителни, за што потврда е реализираниот промет во првиот квартал на оваа година од неполни 17 милиони евра, што е второ најдобро остварување во последните пет години.

Сепак, дека политичката криза неповолно влијае врз финансиските текови покажува податокот што речиси веќе не се присутни странски инвеститори, а пазарот целосно се потпира врз македонските инвестиции, со сите импликации што тоа ги носи, додава Штериев.

Претседателот на Комисијата за хартии од вредност, Елизабета Чингароска, истакна дека севкупните политички случувања во нашата држава влијаат врз однесувањето на инвеститорите и нивните одлуки да инвестираат на македонската берза.

Сите ние, чинители на пазарот на хартии од вредност, работиме на ублажување на последиците од воздржувањето на инвеститорите да вложуваат во македонските компании.

На конференцијата во Охрид учествуваат и гости од странство, претставници од земјите од регионот, како и претставници на финансиските сектори од Шведска и Швајцарија

По светската криза пред десет години, повторно се соочуваме со потешкотии во развојот на финансиските пазари, имаме релативно бавен, не особено активен банкарски сектор во целиот регион, а од друга страна, како главен извор на финансирањето доминира задолжувањето кај банките, вели директорот на Беградската берза, Синиша Крнета.

На конференцијата беше заклучено дека недоволно се користат можностите што пазарот на капитал ги нуди за развој на националните економии.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП