19 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАТајланд им нуди за странците елитна виза

Тајланд им нуди за странците елитна виза

Тајландскaта влада почна да нуди „елитни“ визи за престој на богатите странски државјани, кои ќе им овозможат да живеат во земјата за годишна сума од околу 3.000 долари.

Со овој потег тајландските власти имаат за цел да извлечат корист од зголемената несигурност во светот во врска со границите меѓу државите и имиграцијата.

Достапни се седум различни пакети, а најскапиот се нарекува „Elite Ultimate Privilege“.

Цената на овој пакет е 60.000 долари за 20-годишно жителство, заедно со 600 долари годишна членска такса.

Во цената е вклучена спонзорирана од државата консиерж програма која им обезбедува на членовите „VIP“ пристап до државните агенции кои се занимаваат со прашања во врска со имиграцијата, возачките дозволи и дозволите за работа.

Владата, исто така ќе обезбеди трансфер од аеродромот, годишен здравствен преглед во приватна болница, како и спа третмани и посети на терени за голф.

Специјалната виза за престој ја издава „Thailand Privilege Card Company Limited“, која е 100% сопственост на Бордот за туризам на Тајланд.

Прует Бубпакам, претседател на програмата споделил за „Business Insider“ дека „VIP“ жителите ќе добиваат дополнителна помош од владата: „Ние се грижиме за нашите членови. Може да се аплицира за дозвола за работа, наместо нив, како и за возачка дозвола. Им помагаме да ги извадат овие документи“.

Тој очекува над 1.000 лица да аплицираат за програмата, која е насочена кон пензионери.

Некои од другите пакети нудат петгодишна виза за 15.000 долари, која нема годишен надомест и го носи името „Elite Easy Access“, како и 10-годишна виза за 30.000 долари, која вклучува попусти за членовите на семејството.

„Бројот на луѓето во светот кои сакаат да се здобијат со второ или трето жителство или државјанство, со цел зголемување на можностите за нивните семејства, во позадина на променливиот и несигурен свет, се зголемува драстично“, вели Доминик Волек, шеф за Југоисточна Азија на „Henley & Partners“ – компанија која нуди консултантски услуги во областа на државјанството.

„Се повеќе влади гледаат на овие програми како на иновативен начин за стимулирање на економскиот раст“, додава тој.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП