11 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАИгор Тантуровски реизбран за претседател на Антикорупциска комисија

Игор Тантуровски реизбран за претседател на Антикорупциска комисија

Доскорешниот претседател, Игор Тантуровски, уште една година ќе биде прв човек на Антикорупциската комисија.

Членовите на oва државно тело на денешната седница повторно едногласно го избрале Тантуровски за претседател. Покрај него, членови на Комисијата за спречување на корупцијата се Фарије Алиу, Горан Миленков, Жаклина Дамческа, Сејди Халили, Сузана Таскова Аџикотарева и Најдо Спасевски.

Минатата година под водство на Тантуровски не е отворен ниту еден „крупен“ случај за корупција на функционери од власта. На поставеното новинарско прашање за кои и колку функционери се поднесени иницијативи, Тантуровски одговори: „Тука се работи за сомнеж, а не за нешто што кај нас се докажува, не може да се нарушува пресумпцијата на невиност и од тие причини ние водиме сметка за тоа да не жигосаме некого јавно, а потоа да се докаже дека тие наводи не биле основани.“

Старо-новиот директор на Комисијата, Игор Тантуровски, во 2012 година е на списокот на донатори на ВМРО-ДПМНЕ со донирани 60.000 денари. Тантуровски при неговиот избор за член на Комисијата рече дека тоа е јавно достапен податок и не гледа каде е поврзаноста со партијата.

Горан Миленков, во 2016 година како претседател на Комисијата свика прес-конференција откако во јавноста се отвори дискусија и произлегоа прашања за анкетниот лист за Никола Груевски. На претседателот на Антикорупциска не му беше јасно зошто новинарите се интересираат за имотот на Груевски, кога тој веќе не бил премиер. „Најљубезно ве замолувам ова прашање да го затвориме за век и векови амин“, рече тој.

Заклучокот на извештајот на невладината МЦМС презентиран минатиот месец, покажа дека за десет пати се намалил бројот на пријави кои граѓаните ги поднеле до Комисијата од 2006 до 2015 година.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП