28 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКампања „Младост без лудост“ со цел намалување на бројот на загинати и...

Кампања „Младост без лудост“ со цел намалување на бројот на загинати и повредени млади лица во сообраќајки

„Младост без лудост“ е мотото под кое ќе се реализира нова кампања на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата,со цел да се намали бројот на загинати и на повредени млади лица во сообраќајни незгоди.

Слоганот на кампањата е „Младост без лудост! Младост е да си нескротлив, а лудост е да си невнимателен“. Со цел полесно да се допре и да се доближи до младата популација, кампањата ќе се реализира на терен.

Во нејзиниот фокус се младите луѓе на возраст од 18 до 40 години бидејќи тие влегуваат во категоријата ризични учесници во сообраќајот кои често се причина за предизвикување сообраќајни незгоди и кои најчесто страдаат во сообраќајни незгоди.

Согласно сообраќајната статистика, во 2016 година, вкупно 165 лица го загубиле животот на патиштата во Македонија, од кои околу 40% се токму во оваа возрасна категорија.

Вкупно 4000 млади луѓе, на возраст до 40 години, се тешко повредени во сообраќајни незгоди минатата година.

Статистистичките податоци покажуваат дека на светско ниво, секоја година, 400.000 млади луѓе го губат животот во сообраќајни незгоди, или дневно се губат околу 1.050 млади животи на патиштата ширум светот. Неофицијалните статистички податоци за 2017 година, покажуваат дека за првите три месеци, вкупно 12 лица го загубиле животот во сообраќајни незгоди, од кои неколку се млади лица.

Претседателот на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, Стојче Стаменковски, во најавата на кампањата потенцираше дека безбедноста на младите во сообраќајот одсекогаш била и ќе остане врвен приоритет на РСБСП.

„Апелирам до сите млади лица во Република Македонија, да бидат внимателни и одговорни учесници во сообраќајот и не само тоа, ги повикувам сите во голем број и активно да се вклучат и да ја поддржат оваа кампања и заеднички да дадеме придонес кон подигање на јавната свест за поголема дисциплина, култура и етика во сообраќајот, сѐ за поголема безбедност на младите.

На настанот присуствуваше и државниот секретар во Министерството за внатрешни работи, М-р Сања Димитриевска, која истакна дека Министерството за внатрешни работи, со задоволство е партнер и ја поддржува реализацијата на оваа кампања, особено бидејќи кампањата доаѓа во пресрет на прославата на матурските вечери.

„Да се биде млад и истовремено одговорен во сообраќајот, не е право на избор, туку обврска за сите. Младите, согласно статистиката на МВР, влегуваат во категоријата чести учесници во сообраќајни незгоди и токму поради тоа, мораме сите заеднички да работиме на подигнување на нивната безбедност во сообраќајот“, додаде Димитриевска.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП