16 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАБез грижа – заштедите сигурни и при грабеж и при пропаѓање на...

Без грижа – заштедите сигурни и при грабеж и при пропаѓање на банките

Грабежот од трезорот на НЛБ Банка повторно го актуализира прашањето за безбедносните процедури кои се применуваат, но и за сигурноста на заштедите на граѓаните и компаниите. Деловните банки со штури коментари на оваа тема. Народната Банка предвидува строги правила за безбедноста на клиентите, вработените и парите.

Банките не коментираат за заштитните процедури

Деталите за процедурите за заштита од грабеж и разбојништво се деловна тајна. Ова е одговорот од речиси сите банки.

„Безбедноста на вработените и на клиентите ни е на прво место. Користиме алармни системи и системи за видео надзор по сите светски стандарди кои се и ИСО сертифицирани. Имаме соработка и со приватна агенција која врши физичко обезбедување на експозитурите и на транспортот на готовина“ неофицијално велат за денар.мк од една од поголемите македонски банки. Сепак, официјален коментар на оваа тема нема.

Деловните банки имаат склучено и договори со осигурителни компании кои покриваат грабежи и разбојништва.

НБРМ со строги правила за безбедносните процедури

И Народната Банка (НБРМ) има пропишано строги правила за деловните банки кои се однесуваат и на физичката безбедност на клиентите, вработените и парите.

Секоја банка е должна да изготви правила за однесување на вработените, да утврди безбедносни зони и начини за нивна заштита, да имплементира систем за контрола на пристап во текот и надвор од работното време, да воспостави видео надзор, да уреди процедури за заштита и обезбедување на просторијата во која се наоѓаат сефовите и трезорот, да дефинира правила за вршење и обезбедување на превозот на кеш како и постапка за преземање и предавање на паричните средства.

Дополнително, има посебни правила за избор и работа со друштва за обезбедување доколку банката користи надворешни услуги.

„Под физичка безбедност се подразбира обезбедувањето на вработените и клиентите на банката заради нивна лична заштита и обезбедување на имотот на банката од пристап на неповикани лица, уништување, оштетување, противправно одземање и други форми на штетни дејствија“ се наведува во правилникот на НБРМ.

Заштедите безбедни – гарантира Фондот за осигурување

Заштедите се сигурни без оглед на тоа што може да се случи со самата банка, за нив гарантира државата преку Фондот за осигурување на депозити.

Дури и ако банката пропадне парите ќе бидат надоместени, но само до сума од 30 илјади евра. Токму затоа се препорачува оние кои имаат повеќе пари да ги распределат во различни банки и штедилници за да го намалат ризикот.

Сите банки, филијали на странски банки и штедилници во Македонија се членки на Фондот и имаат обврска да плаќаат премија за осигурување на депозитите на физичките лица.

Во Фондот се осигурени: тековни сметки и денарски и девизни депозити на населението, депозити врзани за парични картички издадени од македонски банки, девизни приливи на населението. Од друга страна, Фондот не гарантира за: депозити на лица кои имаат привилегирани каматни услови, депозити на лица кои поседуваат над 5% од акциите со право на глас во банката или штедилницата, депозити на членови на органите на управување на банката или штедилницата и на нивните роднини од прв степен.

Не се осигурени ниту депозитите на компаниите. Тие треба да бидат обесштетени од стечајната маса при евентуалното пропаѓање на банката.

Фондот досега ги има обесштетено штедачите во повеќе пропаднати банки и штедилници: штедилница Уни Проком,  Алмако банка, Мит Штедилница, Експорт Импорт банка, Радобанк, штедилница Киро Ќучук, Македонска банка, штедилница Инко, штедилница Фершпед.

Речиси 3 милиони евра украдени од НЛБ

Во понеделникот НЛБ Банка обелодени дека останала покуса за речиси 3 милиони евра од централниот трезор.

Полицијата веќе упаси 40 годишниот скопјанец, вработен во НЛБ, кој според досегашните сознанија се сомничи дека парите ги изнесувал малку по малку, во четири наврати од 6-ти до 10-ти април. Одбирал погоден момент кога во трезорот немало движење од вработени во банката, па од готовината ја ставал в џеб.

Осомничениот не кажува каде се украдените пари. Засега останува тајна и дали некој му помагал. Судија на претходна постапка на скопјанецот му одреди мерка притвор, во траење од 30 дена, Обвинителството го товари за кривично дело „затајување“ и му се заканува казна од 3 до 5 години затвор.

Од НЛБ велат дека ова нема да се одрази на тековното работење.

„Нашите клиенти не треба да се грижат ниту за средствата, ниту за функционирањето на банката, ниту за доброто работење на банката. Нашите колеги ќе ги надминат овие работи и ќе продолжат со добра работа… Како и секоја институција НЛБ Банка ги има преземено сите активности за осигурување на секојдневното работење на банката“ изјави претседателот на управниот одбор на НЛБ Банка АД Скопје Антонио Аргир

Грабежот во НЛБ најголем досега

Понеделничкиот случај со трезорот на НЛБ е најголем во Македонија досега. На второ место е грабежот од 9 јануари 2010 година, кога од „голф“ на „Стопанска банка Битола“, на патот Прилеп – Битола, под закана за оружје беа однесени 450.000 евра.

Сличната кражба од трезор имаше и во „Охридска банка“ во 2014-та.  Тогаш беше осомничен главниот трезорист со ортаци од кои во период од три месеци, манипулирајќи со парите со кои требало да се полнат банкоматите, од банката украле вкупно 200.000 евра.

Најголемиот поединечен вооружен грабеж на возило со пари, пак, е тој од декември 2005 година, кога на уличката во скопска Топаана, под касарната „Илинден“, од комби на „Македонска пошта“ беа украдени 670.000 евра.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП