12 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЛе Пен: Ќе го укинам Шенгенскиот договор

Ле Пен: Ќе го укинам Шенгенскиот договор

Марин Ле Пен, претседателскиот кандидат на крајната десница, на престојните избори во Франција, изјави дека ќе ја укине Шенгенската спогодба за слободно движење и дека ќе ги избрка од земјата сите странци кои имаат „досие дека се радикални исламисти“, доколку победи на изборите.

Ле Пен, во видео порака, во која ги претставува десетте приоритети во случај да победи на изборите вети и референдум за поинаква организација на одредени национални институции.

Претседателката на Националниот фронт рече дека нејзини приоритети се „националниот принцип и одбрана на францускиот идентитет, народот, историското и културното наследство“, како и намалување на бројот на пратеници и сенатори.

Марин Ле Пен исто така вети дека ќе ги намали за 10 проценти првите три рати на данокот на приход, и ќе ја намали старосната граница за пензија. Таа планира да воведе пензија на 60 години за вработени со 40 години стаж.

Покрај укинувањето на Шенгенот, кандидатката на крајната десница повторно ќе воведе контрола на границите, ќе ги протера странците со сомнителни досиеја поврзани со радикалниот ислам, и ќе им го одземе државјанството на оние со двојно државјанство, кои „имаат врски со џихадистите“.

Според последната анкета, Марин Ле Пен е во блага предност во однос на кандидатот на центарот Емануел Макрон и тие двајцата би можеле да бидат победници во првиот круг избори.

Првиот круг на претседателските избори во Франција ќе се одржи 23.април.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП