3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАШојбле: Грција нема потреба од нова спасувачка програма

Шојбле: Грција нема потреба од нова спасувачка програма

Грција нема потреба од нова спасувачка програма и ќе излезе на пазарите во 2018-та година. Оваа доверба ја изрази германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле, цитиран од „Ana Mpa“.

Шојбле е еден од најголемите критичари на Атина и активностите на Кабинетот на екстремнолевичарската СИРИЗА, која управува со земјата во коалиција со „Независните Грци“ (ANEL).

Зборовите на германскиот министер за финансии доаѓаат неколку часа пред решавачката средба на Еврогрупата во Малта. На неа главната тема ќе биде Грција и договорот за вториот преглед на програмата.

Веќе со месеци Атина и кредиторите преговораат за постигнатите реформи. Според грчките медиуми спорни се уште остануваат потребните промени на пазарот на трудот, во социјалната сфера и особено трошоците за пензии, како и реформите во енергетиката.

Пред неколку дена грчкиот премиер Алексис Ципрас предупреди дека ако не биде постигнат договор на 7-ми април, ќе свика вонредна средба на врвот на земјите од еврозоната, обвинувајќи ги кредиторите дека упатиле барања во последен момент. Овие негови зборови предизвикаа и реакција на поддршка од страна на германскиот канцелар Ангела Меркел.

Германија е еден од најголемите европски кредитори на Грција. Долговите на нашиот јужен сосед се болна тема за политичарите во земјата, особено со оглед на претстојните парламентарни избори во септември.

Една од најконтроверзните теми во однос на грчките долгови меѓу Атина и Берлин е учеството на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во спасувачката програма. „Очекувам ММФ да остане во програмата“, коментира Шојбле. Според него, не е важно со колку учествува институцијата, туку самото нејзино учество.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП