Поради измените на Шенген прописите Хрватска и другите земји членки на ЕУ од петок имаат обврска на сите гранични премини за влез и излез на Европската унија да ги проверуваат сите патници низ достапните бази на податоци, информираше Министерството за внатрешни работи на Хрватска.
Граничната полиција е должна во вршењето на граничната контрола на патници при влез и излез од земјата да изврши системски преглед на сите патници преку две бази на податоци: национална база на податоци на системот на Министерството за внатрешни работи и базата на податоци на Интерпол. Досега тоа не беше практика за лицата што го уживаат правото на слобода на движење, односно за жителите на земјите членки на ЕУ. Затоа, се очекува дека патниците ќе чекаат подолго за поминување на границите бидејќи ќе трае подолго контролата.
Според она што објави хрватското МВР, патниците на границата треба да ги оправдаат целта и условите на планираниот престој и да имаат доволно средства за живот за време на траењето на предвидениот престој. Од хрватската полиција најавија дека ќе ги искористат сите постоечки капацитети, во смисла на работна сила и технологија, за да го скратат времето на контрола на границите на минимум на сите гранични премини, особено во кризни периоди како викенд и празниците.