29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПретставена Стратегијата за климатски промени на Град Скопје - „Отпорно Скопје“

Претставена Стратегијата за климатски промени на Град Скопје – „Отпорно Скопје“

Првата Стратегија за климатски промени на Град Скопје, насловена „Отпорно Скопје“,изработена од експерти и граѓани, беше промовирана денес.

Стратегијата содржи сеопфатни анализи, препораки и мерки што би требало да се спроведат во наредните пет години за успешно справување со климатските промени и јакнење на урбаната отпорност.

„Акцискиот план на Стратегијата предвидува голем број активности во сите области, при што, највисок приоритет имаат превенцијата и заштитата од поплави и зелената инфраструктура. Висок приоритет е даден на: Воспоставување и унапредување на системот за предупредување; информирање и подигање на свеста, како и други институционални и организациски мерки, Урбанистичко планирање заради заштита од поплави, Заштеда на чиста вода за пиење, реупотреба, одведување на отпадни и атмосферски води, Формирање и рехабилитација на јавните зелени простори“, рече денеска градоначалникот Коце Трајановски.

Со оваа стратегија за прв пат се проценува потенцијалот за намалување на емисиите на стакленички гасови во градот и ранливоста на клучните сектори кон климатските промени – како што се: водите, здравјето и намалувањето на ризикот од катастрофи.

Според податоците во стратегијата, доколку не се преземе ништо во наредните години, емисиите на стакленички гасови ќе се зголемат за 25% во 2020 година. Но, доколку се имплементираат мерките кои се веќе планирани во стратешките документи и развојни планови на општините и на Градот Скопје, емисиите можат да се намалат за 22%.

„Многу е битно да се направи вистинскиот избор. Секоја година температурите стануваат се повисоки, а екстремните природни непогоди се се позачестени, јасно е дека итно треба да се засилат напорите за справување со климатските промени и подготовка за нивните последици. Скопје презема водечка улога на ова поле и ние го охрабруваме и градот и граѓаните да ги спроведат мерките коишто се предложени во новата стратегија“, рече денеска Луиза Винтон, од УНДП.

На денешната промоција беше доделен и велосипед на расклопување на Зорица Бојаџиева, за нејзината идеја којашто победи на конкурсот за граѓаните „Како да се помине еден зелен ден во Скопје“, според која е снимено и видео.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП