15 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПостојат ли добри брендови во Македонија?

Постојат ли добри брендови во Македонија?

Социјалното претприемништво во последните неколку години во голема мера придонесува за развојот на бруто домашниот производ во земјите од Европа. Социјалното претприемништво во Македонија е во зачеток и се јавува во повеќе првични форми (реинвестирање на профит, вработување на лица од ранливи групи, производство и достава на производи и услуги за ранливи општествени групи) , но е многу малку развиено поради тоа што ретко кој се осмелува да дејствува во оваа област.  Причините се бројни од немање политичка и правна рамка која го регулира, преку непостоење на финансиски механизми за поддршка на социјалното претприемништво, до недостаток на понуда и побарувачка за социјално претприемништво.

Знаејќи го фактот дека подемот на социјалното претприемништво е глобален тренд кој го зафаќа полека но сигурно и нашиот регион клучно е да се истакне дека носечки двигател на социјалната економија се социјалните претприемачи. Развојот на социјалното претприемништво е мултипликативен бенефит за целото општество, со него се развива микростопанството, се генерираат нови вработувања, се активира социјално- загрозеното население, придонесува за намалување на сиромаштијата, освестување на населението.Оваа економија создава општествени вредности и добра како на пример поеднакво општество, социјално вклучување и порамномерно распределување на богатството уште се вика и добра економија. Удел во поддршката на развој на добра економија може да имаат и  компаниите и корпоративниот сектор кои се водени од премисата да го максимираат профитот и оттаму се дијаметрално различни од социјалните претпријатија кои не максимираат профит, туку го користат профитот во општествени цели.

Центарот за истражување и креирање политики (ЦИКП), во Македонија е носител на активностите кои се спроведуваат во рамки на регионалниот проект Smart Start ко-финансиран од Европската Унија (кој се реализира во пет земји како што се Македонија, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора и Турција). Во рамки на Smart Start во нашата земја дваесет невладини организации се подготвуваат да започнат со својата работа како социјални претпријатија. Проектот помина низ неколку фази, а следната фаза опфаќа поврзување на социјалните претпријатија со добро етаблираниот корпоративен сектор. ЦИКП е во потрага по домашни ‘’добри“ компании со волја за  поддршка и развој на социјалното претприемништво.

Поврзувањето е од бенефит на социјалните претпријатија и на бизнисите.  Бизнисите преку програмата за менторство ќе покажат дека се општествено одговорни, дека помагаат во развој на нови бизниси, дека несебично го споделуваат своето знаење и искуство и на тој начин влијаат позитивно на државната економија. Тие бизниси ќе добијат признание за Добар бренд. Придобивките се исклучително големи и важни за социјалните претпријатија кои од соработката со бизнис секторот ќе добијат непроценливо менторство и едукација.
Развојот на социјалното претприемништво во Македонија е неопходно да биде стратешки поддржан од корпоративниот сектор и да се интегрира во плановите на компаниите за економски и одржлив развој. За социјалните претпријатија е карактеристично тоа што иако користат претприемачки принципи, се стремат да и служат на заедницата. Добивката кај овие претпријатија се реинвестира за постигнување на конкретна општествена промена. Нудат иновативни приоди за одржлив и рамномерен развој, обезбедуваат добра и услуги за неразвиените заедници и вработуваат лица од ранливи групи.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП