Невработеноста во еврозоната во февруари паднала за 0,1 процентен поен на 9,5 отсто, што е најниско ниво од мај 2009 година, соопшти во понеделник Еуростат.
Оваа бројка е во согласност со очекувањата на аналитичарите со кои разговарала фирмата за финансиски услуги Factset.
Стапката на невработеност во еврозоната во септември минатата година се спушти под симболичното ниво од 10 отсто и од тогаш постојано паѓа.
Но, таа цифра и натаму крие големи разлики меѓу 19 земји во состав на еврозоната.
Така, невработеноста е ниска во Германија 3,9 отсто и на Малта 4,1 отсто, додека во Шпанија е 18 отсто и во Грција 23,1 отсто во декември 2016 година, што е последен расположив податок за двете земји.
Невработеноста меѓу младите и натаму е висока во овие две земји, 45,2 отсто во Грција и 41,5 отсто во Шпанија, но висока е и во Италија 35,2 отсто, додека во Германија е 6,6 отсто.
Стапката на невработеност во 28 земји на Европската унија(ЕУ) падна на 8,0 отсто, што е најниска стапка од јануари 2009 година.
Невработеноста паѓа во 26 земји членки на Унијата, но расте во Данска, од шест отсто на 6,4 отсто и во Литванија од осум отсто на 8,3 отсто.
Во Франција стапката на невработеност е 10 отсто и не е променета од ноември 2016 година.