18 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСоздадени се услови за ефикасен дијалог за натамошен економски и социјален развој

Создадени се услови за ефикасен дијалог за натамошен економски и социјален развој

Јакнење на социјалниот дијалог на национално и локално ниво, воспоставување инфраструктура и поттикнување на колективното договарање, како и воспоставување ефикасен механизам за мирно решавање на работните спорови, беа трите главни компоненти на проектот „Унапредување на социјалниот дијалог“, кои во изминатите две и пол години ги спроведуваше Меѓународната организација на труд.

Реализираните активности во рамки на овој Проект се финансираа од Европската Унија во износ од околу 1,3 милиони евра.

„Искуството од имплементацијата на овој проект недвојбено покажува дека кога имате јасни цели и високо ниво на разбирање и соработка меѓу партнерите, тогаш резултатите се неизбежни и видливи и покрај објективните предизвици со кои сите ние се соочуваме во овој период. Обемот и разновидноста на спроведените активности се одличен показател за тоа дека овој проект ја исполни својата клучна цел – да креира услови за подобрување на трипартитниот и бипартитниот социјален дијалог како начин за постигнување економски развој и социјален напредок во нашата земја“, изјави државниот секретар на министерството за труд и социјална политика, Енвер Хусејин.

За постигнување на целите на проектот реализирани се над 60 различни активности наменети за јакнење на институционалните капацитети на социјалните партнери вклучени во трипартитниот и бипартитниот социјален дијалог, заради обезбедување на неговата ефикасност, функционалност и одржливост на долг рок.

Реализирани се и активности наменети за унапредување на националното трудово законодавство и неговото хармонизирање со регулативата на ЕУ и меѓународните стандарди, зајакнување на социјалните партнери на национално, гранково и локално ниво, вклучувајќи и ефективен механизам за колективно договарање, а воспоставен е и оперативен механизам за мирно решавање на работни спорови.

„Сметам дека сите партнери кои беа вклучени во реализацијата на активностите од овој проект треба да бидат задоволни затоа што завршена е навистина добра работа и вложени се многу енергија, експертиза и искуство, кои уверен сум дека ќе придонесат за натамошно зголемување на довербата и дијалогот меѓу институциите и организациите кои ги застапуваат интересите на работниците, на работодавачите и на државата, што е од клучно значење во креирање на поволен амбиент за натамошен економски и социјален развој на земјата“, истакна Антонио Грациози, директор на Меѓународната организација на трудот за Централна и Источна Европа.

Меѓу конкретните активности, реализирани во рамки на трите компоненти на проектот, се и формирањето и целосното опремување на локални економско-социјални совети во шест градови во земјата, изработка на деловник, годишна програма за работа и комуникациска стратегија на националниот Економско-социјален совет за чие оперативно функционирање беше формиран секретаријат, како и систем за мониторинг на имплементацијата на одлуките и препораките.

Обезбедена беше и поддршка за функционирањето на репрезентативните организации кои учествуваат во трипартитниот социјален дијалог, кои добија специјализирани обуки, софтвер и пристап до релевантни меѓународни искуства што резултираше со зголемување на бројот на склучени колективни договори на ниво на индустриски сектори и компании, како и зголемување на активностите, комуникацијата и бројот на членството кај дел од овие организации.

Направена беше и сеопфатна анализа на националното трудово законодавство со меѓународните стандарди. На база на оваа анализа и инпутите од социјалните партнери, изготвен е и трипартитен акциски план кој содржи низа препораки за подобрување на социјалниот дијалог и колективното договарање.

Во делот на воспоставување на новиот механизам кој овозможува побрзо, поефикасно и бесплатно вонсудско решавање на колективните и индивидуалните работни спорови, во рамки на Проектот меѓу другото беше дизајниран и електронски систем за управување со случаите, кој вклучува и регистер на лиценцирани помирувачи и арбитри, во кој веќе се заведени над 40 професионалци.

Формирана беше и трипартитната комисија за издавање лиценци за помирувачи и арбитри, организирани беа разновидни обуки, а издаден е и соодветен Прирачник. Сите овие спроведени активности почнуваат да даваат и конкретни резултати за што најдобар показател се неколкуте решени случаи на колективни и индивидуални работни спорови по мирен пат.

Очекувањата се дека од функционирањето на овој систем во иднина полза ќе имаат како работниците и работодавачите, така и земјата во целина, бидејќи се овозможува социјален мир на работното место, а со тоа и економски раст.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП