10 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААвстрија бара изземање од европскиот систем за релокација на мигрантите

Австрија бара изземање од европскиот систем за релокација на мигрантите

Австрија ќе бара да биде изземена од обврската да прими дополнителен број мигранти врз основа на системот за нивно префрлување на Европската унија и наведува дека веќе досега чесно го преземала својот удел во текот на европската мигрантска криза.

Станува збор за најава за нов удар врз релокацискиот систем на ЕУ кој ќе распореди само дел од мигрантите пристигнати на територијата на Европската унија и кој одвај се имплементира, благодарејќи на отпорот, во прв ред, на источноевропските земји, како Унгарија, Полска, Чешка и Словачка.

Оваа најава од Австрија доаѓа истовремено со јакнењето на безбедност и построгите правила врзани со имигрантите кои ги започна владејачката коалиција на конзервативците и социјалдемократите во обидот да го спречат подемот на крајната десница којашто го истакнува прашањето на имиграцијата, откако бранот бегалци од 2015 година ги поттикна канењето на опозициската Слободарска партија, која во анкетите и натаму е во водство.

„Мислиме дека изземањето за Австрија е потребно бидејќи таа веќе ги исполни своите обврски. Ќе разговараме за тоа со Европската Комисија. Ќе испратиме писмо за тоа што е поскоро можно веднаш ќе започнеме со расправата“, изјави за новинарите австрискиот канцелар Кристијан Керн по редовната седмична седница на владата и додаде дека треба да се провери дали Австрија веќе ги исполнила своите обврски.

Околу 14.500 баратели на азил се преместени од Грција и Италија, првите земји од ЕУ во кои пристигнуваат бројните бегалци и имигранти од Блискиот исток и северна Африка, врз основа на двегодишниот план кој предвидуваше распоредување на 160.000 луѓе а кој истекува во јуни.

Австрија примила околу 90.000 баратели на азил во 2015 годна, што е повеќе од 1 отсто од нејзиното вкупно население. Во Германија истата година дошле повеќе од милион мигранти, од кои многумина пристигнаа преку балканската рута а потоа преку Австрија.

Многу брзо по најавата на австрискиот канцелар пристигна одговорот од Брисел. Австрија мора да го почитува договорот на Европската унија за разместување на бегалците и ќе се соочи со последици доколку се повлече од него, порача од Брисел, портпаролката на Европската комисија, Наташа Берто.

„Се очекува Австрија да ги исполни своите правни обврски на основа на одлуката на Советот да започне со релокацијата“, изјави на прес-конференција Берто коментирајќи ги најавите за преиспитување на австриското разместување на бегалците.

Таа истакна дека ниедна земја нема право еднострано да се повлече од договорот потпишан во 2015 година, за распоредување на 160.000 мигранти од Италија и Грција во другите земји членки на ЕУ.

„Тие единствено може да изберат да дејствуваат незаконски, што ќе го констатираме со големо жалење, но не и без последици“, порача портпаролката.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП