15 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈА„Пред да не напуштат - се да платат“

„Пред да не напуштат – се да платат“

Велика Британија би требало да го плати износот кој и го должи на Европската унија пред почетокот на преговорите за отстапување од членството.

Тоа го потенцираше Мишел Барније, преговарач од Европската комисија за прашањето за излез на Велика Британија од ЕУ (Brexit).

„Ќе бидам многу јасен. Ако некоја земја одлучи да ја напушти ЕУ, нема казнување, нема цена која мора да се плати, но мора да се исплати она што се должи“, изјави Барније во говорот пред Регионалниот одбор кој ги собира локалните и регионалните претставници на ЕУ.

Барније изјави дека заминувањето на Велика Британија ги доведува во прашање тековните финансирања на некои европски фондови, како што е Европскиот фонд за социјални прашања (90 милијарди евра), Европскиот фонд за регионален развој (околу 200 милијарди евра) и Планот за инвестиции кој го предложи претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер (околу 315 милијарди евра).

„Не бараме од Британците да дадат пари за работи за кои не дале согласност како земја членка на Унијата“, додаде Барније.

Засега официјално не се споменува ниедна сума, но блиски извори до ЕУ наведоа дека тоа би можело да биде околу 55 и 60 милијарди евра, колку што досега Велика Британија издвојуваше за своите обврски во внатрешноста на ЕУ.

Британската премиерка Тереза Меј изјави пред два дена дека 29-ти март ќе биде покренат членот 50 од Лисабонскиот договор за отстапување на земјата од членството на ЕУ.

Барније инсистираше дека треба да се постигне начелен договор за Brexit во интерес на сите. „Нашата намера е да имаме добри преговори. Ние сме одлучни, но не сме наивни“, додаде преговарачот на Европската комисија за прашањето за излез на Велика Британија од ЕУ (Brexit).

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП