Со посетата на премиерот на Јапонија Шинзо Абе на Брисел, Европската унија се соочува со зголемен притисок да го покаже ветеното свртување кон Азија и да склучи нов трговски договор, со што ќе се потврди стратешкото политичко партнерство со Јапонија, пишува во понеделникот Politico.
По изборот на Доналд Трамп за претседател на САД европските лидери побрзаа да се претстават како новите лидери на слободната трговија во светот и ветија дека ќе го пополнат вакумот создаден од зголемениот протекционизам на САД.
Трансакциите со Азија не се новост за Европската унија, која има големи договори со Јужна Кореја, Сингапур и Виетнам. Високи функционери во Брисел изразуваат оптимизам во врска со склучувањето договор со Токио, што ќе биде нивна најголема комерцијална трансакција.
Се повеќе се зголемува поддршката за сличен договор од страна на германските автомобилски производители, кои се меѓу највлијателните групи во европската индустрија.
“Европа ќе продолжи да се бори за отвореноста во економијата заснована на правилата на слободна трговија, бидејќи за нас тоа е важно и поради знаците на зародиш на протекционизмот кој се појавува на друго место”, коментира претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск. “Трговијата зазема централно место во нашиот економски успех”, истакна тој.