28 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСпоред Стандард и Пурс, Македонија останува со кредитен рејтинг ББ-

Според Стандард и Пурс, Македонија останува со кредитен рејтинг ББ-

Кредитниот рејтинг на Македонија, ББ- со стабилен изглед е потврден од агенцијата за кредитен рејтинг Стандард и Пурс.

Како и во октомврискиот извештај, рејтингот е базиран на добрите економски перформанси на економијата во Македонија, но и кулминацијата на политичката криза, наведуваат од кредитната агенција.

Економијата има позитивни трендови и покрај политичката криза, а економските проекции се позитивни, оценуваат од агенцијата, од каде што очекуваат и невработеноста да продолжи да опаѓа и да се сведе на ниво од 21,5 проценти до 2020 година, а притоа и инвестициите и извозот да продолжат да растат на среден рок.

Од Стандард и Пурс наведуваат дека генератор за економскиот раст ќе бидат слободните економски зони, особено преку синергијата од соработката со локалните компании и добавувачи.

Буџетскиот дефицит кој во 2016 година изнесуваше 2,8 проценти е низок, а со спроведувањето на планираната фискална консолидација од страна на државата тој ќе биде сведен на 2,2 проценти во 2019 година, се вели во соопштението на агенцијата.

Државниот долг кој иако е зголемен, сеуште може да се оцени како низок, гледано во споредба со земјите со ист кредитен рејтинг.

Од агенцијата потврдуваат дека банкарскиот сектор е добро капитализиран и профитабилен и главно е финансиран од домашни депозити.

Стандард и Пурс како најголема опасност за економијата во Македонија ја посочи политичката криза, која по изборите во декември 2016 година кулминираше, и како што оценуваат, и во случај да биде формирана влада, таа нема да биде во можност да изврши реформски процеси и да ја разреши кризата поради нејзината слабост.

Во февруари оваа година и агенцијата Фич ја потврди проценката за кредитниот рејтинг на Македонија, и наведе дека земјата заслужува повисок кредитен рејтинг согласно економските перформанси, но сепак политичката криза не го дозволува тоа.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП