28 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЈапонската централна банка не ja промени монетарната политика

Јапонската централна банка не ja промени монетарната политика

Јапонската централна банка (БОJ) очекувано ги остави основните насоки на својата монетарна политика без промени. Неколку часа по зголемувањето на основните камати во САД од страна на Федералните резерви (ФЕД), централната банка на островската држава се огласи во Токио дека ја остава негативна депозитната камата на ниво од -0,1% со 7 гласа „за“ и два гласа „против“.

Тековните знаци на економско заздравување во САД ја убедија „ФЕД“ да ја зголеми каматата во средата по втор пат во рок од три месеци. Но централните банкари во Токио остануваат повнимателни во запирањето на стимулите.

По дводневната седница регулаторот изјави дека со големата програма за купување на средства се стреми кон принос по десетгодишните државни обврзници од 0%.

„Сметаме дека „БОЈ“ ќе ја зголеми својата цел за приносот на десетгодишните државни обврзници меѓу јули и септември“, изјави Јуичиро Нагано, економист од „Barclays Securities“.

На крајот на дводневната седница централните банкари најавија уште дека ќе продолжат да ги спроведуваат операциите за зголемување на монетарната база со годишна стапка од 80 илјади милијарди јени (760 милијарди долари).

Во последниве месеци јапонската економија се опоравува со помош на слабиот јен и другите неочекувани ефекти кои произлегуваат од изборот на Доналд Трамп за претседател на САД. Но постојаниот економски раст и стабилната инфлација се уште остануваат далеку од нивото, ветени од премиерот Шинзо Абе и централната банка на Јапонија.

Целта на „БОЈ“ за постигнување на инфлацијата од 2% сепак беше постојано одложена. Од февруари 2016-та година, банката применува негативна стапка од минус 0,1%.

Основната инфлација се врати на позитивна територија во јануари за прв пат од 2015-та година, а потрошувачките цени со исклучок на оние за свежа храна се зголемија за 0,1 отсто во однос на истиот месец од претходната година. Економистите очекуваат основната инфлација во Јапонија да достигне 1% оваа есен поради динамиката на девизните курсеви на валутите по изборот на Доналд Трамп за претседател на САД.

Стапката на невработеност во Јапонија е до 3 отсто, а недостигот на работна сила е поостар. Сепак, растот на платите не се забрзува значително благодарение на длабоката поделеност на пазарот на трудот меѓу вработени со полно работно време, чии плати се во застој и со скратено работно време, каде недостатокот е остар, коментира „Financial Times“.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП