19 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАНема криза за градежниците – фантастични профити на компаниите

Нема криза за градежниците – фантастични профити на компаниите

Компаниите кои произведуваат градежни материјали имале одлична 2016-та, година во која Државната статистика прокнижи солиден раст на секторот од 18.5%. Бизнисмените се задоволни од резултатите, но предупредуваат дека политичката криза веќе сериозно влијае на економскиот амбиент.

Одлични резултати на производителите на материјали

Минатата година била одлична за производителите на градежни материјали, покажуваат финансиските извештаи кои компаниите ги објавија на Македонската берза.

Цементарницата Усје во 2016-та имала чист профит од 20 милиони и 111 илјади евра, што е за 2% помалку од 2015-та. Вкупните приходи надминале 72 милиони евра, а вкупните расходи 51 милион евра и се на речиси истото ниво како и претходната година, покажува финансискиот извештај.

Адинг имал раст на профитот од 8%. Во 2016-та тој достигнал 269 илјади евра, а во 2015-та бил 249 илјади. Според финансискиот извештај лани приходите биле речиси 6 милиони евра, а расходите 5.7 милиони.

Фабриката Карпош имала заработка од речиси 377 илјади евра, раст од 23%.

Градежништвото со фантастичен раст од 18.5%

Поголем дел од градежните компании се уште ги немаат објавено финансиските извештаи за минатата година, но ако се суди според статистичките податоци и тие имале одлична 2016-та година.

Градежништвото остварило раст од дури 18.5% лани, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС). Во првиот квартал растот бил 6.9%, во вториот 31.4%, во третиот 10.3%, во четвртиот 28.5% или вкупно за цела година 18.5%.

Бизнисмените задоволни од постигнатото

Бизнисмените од овој сектор се задоволни од постигнатото; велат статистичките резултати ја отсликуваат реалноста – градежништвото е и ќе остане столбот на кој се потпира стопанството. Сепак, дел од нив предупредуваат дека е неопходно итно решавање на политичката криза што ќе резултира со постабилен економски амбиент.

„Градежништвото како сектор е многу специфичен, бидејќи долги години треба да го стабилизираш, градиш и развиваш, а да се урне е потребно малку. Ние сме многу внимателни и сметаме дека годинава големо внимание ќе има времетраењето на политичката криза. Градежниците сакаат да работат и да егзистираат, со тоа егзистираат околу 52 илјади вработени во овој сектор“ – објаснува претседателот на Здружението на градежништво при Стопанската комора на Македонија (СКМ), Андреа Серафимовски.

На иста линија се и бизнисмените обединети во Сојузот на стопански комори (ССК).

„Ние како градежен сектор машки ја издржуваме моменталната политичка криза и бележиме раст, но не знаеме уште колку ќе можеме да издржиме, затоа што не знаеме до кога ќе трае политичката нестабилност. Апелираме час поскоро да се реши кризата за да може градежниот сектор и понатаму да си ја работи својата работа, да остварува успеси и да биде двигател на економскиот раст“ вели првиот човек на Градежната комора при ССК, Роберт Хот.

„Ако политичката криза продолжи, поволната деловна клима брзо ќе се наруши и бизнисот тоа ќе го почувствува директно или индиректно. Градежниот сектор во 2015-2016 учествуваше со 16 отсто во БДП. Приходите пред десет години беа 268 милиони евра, а во 2015-та достигна 700 милиони евра. Тоа е невиден инпут во вкупната македонска економија. Ако кризата се почувствува во недвижностите, во градежништвото, тоа ќе удри и по банкарскиот сектор“ вели Ванчо Чифлиганец, Адора Инженеринг.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП