9 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВо ЕУ нема подобрување, платите помали отколку пред 8 години

Во ЕУ нема подобрување, платите помали отколку пред 8 години

Работниците во Европската унија и понатаму не чувствуваат економско закрепнување, бидејќи платите во седум земји членки на тој блок денес се пониски отколку пред осум години.

Тоа го покажува објавеното истражување на Европскиот синдикален институт (ETUI) и Европската конфедерација на синдикати (ETUC).

Истражувањето исто така покажало дека платите во 18 земји на ЕУ пораснале многу побавно во текот на седум посткризни години отколку во осумте години пред појавата на кризата во 2008 година, се наведува во соопштението објавено на офцијалната вебстраница на Европската конфедерација на синдикати.

Во периодот од 2009 до 2016 година платите, прилагодени со инфлацијата, реално секоја година опаѓале во просек за 3,1 проценти во Грција, за еден процент во Хрватска, 0,9 проценти во Унгарија, 0,7 проценти во Португалија, за 0,6 проценти на Кипар, 0,4 проценти во Велика Британија и за 0,3 проценти во Италија.

Во Австрија, Белгија, Чешка, Данска, Естонија, Финска, Франција, Ирска, Летонија, Литванија, Луксембург, Малта, Холандија, Романија, Словачка, Словенија, Шпанија и Шведска, реалниот раст на платите во следените седум години бил побавен отколку од 2001 до 2008 година.

Најголемо намалување на реалниот годишен раст на платите е забележано во Романија од 11,2 проценти во периодот 2001-2008 година, на само 0,1 проценти во седумте посткризни години, потоа во Литванија од раст од 8,8 проценти годишно на 1,0 проценти, и во Летонија од 10,6 на 1,2 проценти.

Само три земји – Германија, Полска и Бугарија имале реален раст на платите од 2009 до 2016 година, кој го надминал порастот забележан во седумте години пред избивањето на кризата.

Истражувањето исто така покажува дека во 2016 година, кога реалните плати започнале да растат, тие всушност во Белгија паднале, додека практично стагнирале во Италија, Франција и Грција.

„Ова е многу лоша вест не само за работниците и нивните семејства, туку и за бизнисот“, изјави секретарката на ETUC Естер Линч, додавајќи дека „ако работниците имаат помалку средства за трошење, тогаш страдаат и компаниите“.

„Време е за реалено закрепнување. На работниците ширум Европа им е потребно зголемување на платите. Платите започнуваат да растат, но има уште многу нешта кои треба да се направат за да се достигне претходното ниво“.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП