3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМакедонија vs Југославија – каде се живеело подобро?

Македонија vs Југославија – каде се живеело подобро?

И повеќе од 25 години од распаѓањето на СФРЈ голем процент од Македонците со носталгија гледаат на поранешната држава. Кога и каде се живеело подобро? Статистиката покажува дека и нема голема разлика – најразвиените републики и натаму се на врвот, а најнеразвиените на дното. Словенците и Хрватите и пред 30 години живееле подобро од Македонците и Србите.

Половина Македонци жалат по СФРЈ

Македонците се уште гледаат со носталгија на Југославија. Ова го покажува анкетата спроведена од ИПСОС.

Во неа 45.3% од испитаниците се изјасниле дека жалат за распадот на СФРЈ. Спротивен став имаат 54.7%.

Според регионалното истражување кое ги опфаќа сите поранешни републики на СФРЈ освен Словенија, најголеми југоносталгичари се Србите (71% жалат за СФРЈ), следат Босанците (68%), Хрватите (18%), најмал е процентот кај жителите на Косово (5.3%).

Резултатите наведуваат на фактот дека никаде на просторите од поранешна Југославија нацијата не е толку силно формирана како во Хрватска, а истражувањето, пак, кое се однесува на ставовите за војните од деведесеттите години од минатиот век, но и државните граници, покажало длабока поделеност помеѓу Србија, Хрватска и БиХ.

Со анкетата биле опфатени 10.500 жители на регионот.

Македонците со најниски, Словенците со највисоки плати

Животниот стандард во секоја од новите републики буквално се пресликува на резултатите од анкетата. Оние со највисоки плати најмалку жалат по СФРЈ и обратно.

Највисока просечна плата на просторите на Југославија има во Словенија (нешто над 1.000 евра), следи Хрватска (околу 750 евра), Црна Гора (околу 500 евра), Босна (430 евра), Македонија (380 евра), Србија (330 евра), Косово (300 евра).

Слични се податоците и за стапката на невработеност. Таа во Словенија изнесува 11%, во Хрватска 13%, Србија 17%, Црна Гора 17%, македонија (23.1%), Косово (35%), Босна 40%.

Пред распадот, во 1989, стапката на невработеност на ниво на СФРЈ била 15%, најниска била во Словенија, а највисока во Македонија.

Независна Македонија – деценија во голем минус, деценија во мал плус

Македонија излезе од Југославија како најмалку развиена република. Првите десетина години економијата беше во голем минус, а последните десет во мал плус. Ембаргото од Грција и санкциите кон Србија, распаѓањето на заедничкиот пазар и транзицијата односно приватизацијата беа главните белези на 90-те.

Статистиката покажува дека реалната плата се зголемила за 44.8%, невработеноста се намалила за околу 10 процентни поени, а Бруто домашниот производ (БДП) во просек растел за помалку од 2% секоја година од историската 1991-та до 2015-та. Ова се основите показатели од публикацијата „25 години независна Македонија“ што ја објави Државниот завод за статистика (ДЗС).

Македонските работници во 2004-та прв пат имале повисока реална просечна плата од 1991-та. И во деведесеттите таа номинално растела, но била „подјадувана“ од инфлацијата, па реално останала под нивото од пред распадот на Југославија. Во последните десетина години имала посолидни стапки на зголемување, па во 2015-та споредено со 1993-та реално била поголема за 44.8%, покажуваат податоците од публикацијата .

„Просечната нето – плата по вработен во 1993 година изнесуваше 3.782 денари, додека во 2015 година изнесуваше 21.906 денари. Во периодот 1993-2015 година се забележува номинално зголемување на просечната нето – плата од 479 проценти и реален пораст од 455“ се наведува во публикацијата.

Стапката на невработеност во 1993-та била 27.7%, со мали варијации се зголемувала се до 2005-та кога достигнала 37.3% по што почнува период на намалување и доведување до 24% во вториот квартал од оваа година. Стапката на невработеност секако е обратно пропорционална на стапката на вработеност иако има помали варијации поради иселувањето и пензионирањето како резултат на стареењето на населението.

„Во периодот 1997 – 2015 година, стапката на вработеност за лицата на возраст од 15 до 64 години бележи мали промени од година во година, во насока на пораст или опаѓање. Најниска стапка на вработеност е забележана во 2004 година, по што, почнувајќи од 2005 година, стапката на вработеност е во континуиран пораст и во 2015 година достигна 47.8%“ се наведува во публикацијата.

Бруто домашниот производ (БДП) односно вкупните економски активности се намалувале од осамостојувањето во 1991-та до 1996-та, по што започнува тенденција на раст кој е прекинат во 2001-та поради вооружениот конфликт, како и во 2009-та и 2012-та пред се поради светската економска криза.

Во изминатите 25 години има и значителна промена на структурата на БДП. Така во 1991-та 29.8% од вкупните активности отпаѓале на индустријата и градежништвото, 11.4% на земјоделството, а 56.8% на секторот услуги. Во 2010-та, пак, индустријата и градежништвото опфаќале 24.3%, земјоделството 9.8%, а услугите 65.9%.

Сепак, и во 2015-та Македонија била речиси исто далеку од Европската Унија колку во 1991-та ако се спореди БДП по глава на жител.

„Нивото на бруто – домашниот производ на Република Македонија, по жител, изразен во волуменски индекси на БДП по глава на жител, во 2005 година беше 70% под просекот на Европската Унија, а во 2015 година е 63% под просекот на Европската Унија“ се наведува во извештајот.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП