12 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВести од светот

Вести од светот

najnovi-vesti

Белград – НЛБ банката во Белград се наоѓа на 17 место во банкарскиот сектор и со деловниот план за оваа година проектираше раст од 2,1 отсто. Во изминатата година, пред основањето на исправка на вредноста и резервирање, со редовното работење НЛБ оствари 283,2 милиони динари (2,5 милиони евра). Падот на квалитетот на кредитното портфолио и растот на НЛБ пласманот, влијаеа на искажување на негативен финансиски резултат на банката пред даночењето, а тоа беше условено од неповолната економска клима во земјата, но и од желбата на новото раководство да го растовари билансот на банката – рече претседателот на извршниот одбор на НЛБ банка, Само Нучиќ.

Киев, Москва – Битката меѓу Брисел и Москва за превладувачко влијание во Украина главно се води на економски терен, констатираат медиумите во Киев. ЕУ на Киев нуди асоцијативно членство, а рускиот претседател Владимир Путин корист од 10 милијарди долари годишно, ако помладата сестра се приклучи на Царинскиот сојуз на трите членки на Заедницата на независни држави. Претседателот на Украина Виктор Јануковиќ во текот на изминатата недела имаше повеќе средби со министрите за надворешни работи на Холандија, Данска, Полска и уште некои членки на ЕУ, кои ветија поддршка и помош на Киев ако до крајот на летото ги исполни условите, да добие од Брисел договор за приклучување.

Лондон – Британската банка Лојдс (ЛГБ) соопшти дека шпанската банка Сабадели ја продала својата загубарска шпанска подружница во рамки на договорот во вредност од 100 милиони евра. Според тој договор, ЛГБ ќе добие 1,8 отсто акции во банката Сабадели, во вредност од 84 милиони евра, плус дополнителна сума од 20 милиони евра во следните пет години. – Лојдс бенкинг групата постигна договор за продажба на своето банкарско работење во Шпанија, т.е. за продажба на Лојдс бенкинг интернешенал и Лојдс инвестмент Еспанија, наведено е во соопштението на банката.

Загреб – Хрватска ја исфрли Подравка од пописот на компании од стратешки интерес за државата, со што се отвори пат за продажба на цел или дел од државниот удел во таа компанија. Подравка вака се најде меѓу седумте компании во кои Хрватска има малцинска сопственост и која е подготвена да ја продаде, а во тоа друштво се уште и ИНА, Кончар електроиндустрија, Ѓуро Ѓаковиќ холдинг, Лука Плоче, Атлантска пловидба и Сунчани Хвар. Преку Агенцијата за управување со државен имот и Капиталниот фонд, Хрватска поседува 26,44 отсто сопственост од корпивничка Подравка.

Виена – Фолсваген ќе ги зачува фабриките во Европа, наспроти лошите економски околности, на кои компанијата се обидува да се прилагоди, избегнувајќи ги пред се отказите на редовно вработените, изјави претседателот на управата на компанијата Мартин Винтеркорн. – Нема да ги намалиме производните капацитети во Европа. Напротив, ќе ги зачуваме. Сигурно нема да ги отпуштиме редовно вработените, но кога се во прашање вработените на одредено време, ќе видиме – рече тој.

Луксембург – Просечната плата на жените во Луксембург во 2010 година била за 3 отсто поголема од платите на мажите, покажа студијата на агенцијата Статек. Жените во оваа мини европска држава имале просечна годишна плата од 45,767 евра, а мажите 44,224 евра. Во извештајот се наведува дека причината за тоа лежи во фактот дека жените се позастапени во подобро платените сектори. Жените во Луксембург најчесто работат во образование, или во банкарскиот сектор и осигурителни компании, додека во другите сектори се присутни само 15 отсто. Во тие сектори потребна е квалификувана работна сила, завршено високо или вишо образование.

Рим – Деловната доверба во Италија значително ослабе во април, соопшти италијанската агенција за статистика. Компаниите од преработувачкиот, градежниот, услужниот и трговскиот сектор во текот на април биле далеку по песимистички во поглед на работењето, па индексот на деловната доверба во тој месец падна на 74,6 поени од мартовските 78,5 поени. Месечните резултати се објавени само по еден ден откако новата коалициона влада положи заклетва, со што се заврши политичкиот застој и се вети брзо делување на полето на усвојување на мерки за помош на паднатите компании и решавање на проблемите околу невработеноста.

Берлин – Германскиот извоз во земјите надвор од ЕУ до 2025 година ќе го надмине обемот на извозот во 27 члената Унија, соопшти една од водечките деловни организации. Групацијата на извозници БГА наведува дека трговската размена на Германија со преостанатите членки на ЕУ претрпе голема штета поради економската криза која трае последните неколку години. Претседателот на БГА Антон Бернер рече дека неговата групација очекува дополнително влошување на економските услови во земјите на јужна Европа и дека мали се надежите за спроведување на структурните реформи во Италија и Франција во следните години.

Брисел – Довербата во 17-члената еврозона падна во април, што врши дополнителен притисок на Европската централна банка да преземе акции за подобрување на растот на економијата. Индексот на деловната и потрошувачката доверба, кој го објави Европската комисија падна во април за 1,5 отсто, на 88,6 поени во однос на март, како последица на зголемениот песимизам во секторот за услуги. Меѓутоа во Европската унија, индексот забележа уште поголем пад, па ослабе за 1,8 поени на 89,7 поени, покажуваат податоците на ЕК.

Париз – Француската компанија Веолиа енваермент, светски лидер во секторот за управување со води, отпад, енергија и транспорт, обезбеди работа во вредност од 2 милијарди евра во Мелбурн и Братислава. Првиот договор, потпишан со австралискиот партнер, филијалата Веолиа Трансдев ќе донесе 950 милиони евра за управување со дел од автобуската мрежа во Мелбурн, а реализацијата ќе почне во август оваа година. Рокот на траење на овој договор е седум години, а ќе опфати 50 автобуски линии, 500 возила и околу 1.000 вработени.

Рим – Трошоците на задолженоста на Италија паднаа на аукцијата на петгодишни и десетгодишни државни записи, по полагањето на заклетвата на новата влада и крајот на двомесечниот политички застој, што донесе нова влада во Италија која е погодена од рецесија. Со продажбата на десет годишните обврзници собрани се 3 милијарди евра со каматна стапка од 3,94 отсто во однос на 4,66 отсто од претходната слилна аукција одржана на 27 март. Облигациите со рок за доспевање во 2018 година, исто така во државната каса донесоа 3 милијарди евра, со приноси од 2,84 отсто во однос на 3,65 отсто од претходната аукција.

Волфсбург – Оперативниот профит на чешката фабрика за автомобили Шкода ауто падна во првото тромесечје оваа година за половина, на 112 милиони евра, од 209 милиони евра во првите три месеци лани. На резултатите влијаеше слабата продажба и високите трошоци со воведувањето на новите модели на пазарот, соопшти матичната компанија Фолксваген, во чиј состав е Шкода. Продажбата на возилата на Шкода падна за над 13 отсто на 179.000 возила. Прометот е намален за 17 отсто на 2,4 милијарди евра. Шкода има намера до 2018 година да достигне производство од најмалку 1,5 милиони автомобили годишно.

Берлин – Инфлацијата во Германија, најголемо европско стопанство, успори во април на најниско ниво во последните две години, покажаа официјалните податоци во Берлин. Трошоците на животот во Германија зголемени се овој месец за 1,2 отсто на годишно ниво, во однос на 1,4 отсто од март, се наведува во прелиминарните податоци на Сојузниот завод за статистика, Дестатис. Последен пат стапката на инфлацијата на годишно ниво била толку ниска во септември 2010 година. На месечно ниво, индексот на потрошувачките цени ЦПИ, падна во април за 0,5 отсто во однос на март.

Њујорк – Третиот по големина американски производител на автомобили Крајслер во првиот квартал изгуби во нето профитот 65 отсто на годишно ниво, поради падот на продажбата во Европа и лансирањето на нови производи. Компанијата наведува дека во првите три месеци во 2013 година остварила нето профит од 166 милиони долари, во однос на 473 милиони од истиот период лани. Нето приходите истовремено паднаа за 6 отсто на 15,4 милијарди долари.

Москва – Надзорниот одбор на втората по големина руска банка ВТБ одлучи да пласира дополнителни средства во капитал во износ од 102,5 милијарди рубљи (3,3 милијарди долари), со издавање на дополнителни 2.500 милијарди акции со јавен упис по цена од 0,041 рубља по една дополнителна акција. Во рамки на остварување на право на предимство на купување, ВТБ очекува дека Државната агенција за управување со имот нема да учествува во понудата, што може да доведе до намалување на уделот на државата во банката од 75,5 отсто, на 60,03 отсто, по пласманот на дополнителни акции. Банката официјално објави дека добила цврсти уверувања од група инвеститори дека ќе ги откупат сите дополнителни акции, вклучувајќи ги сегашните и идните акционери, како и три најголеми фондови – Норвешката банка за инвестиции и менаџмент, Катар холдинг и Државниот фонд за нафта во Азербејџан.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП