21 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМакедoнија ќе добие 368.626 евра помош од Јапонија

Македoнија ќе добие 368.626 евра помош од Јапонија

Амбасадата на Јапонија во Скопје денес ќе потпише шест грант договори со македонски институции кои ќе обезбедат вкупно 368.626 евра помош за проекти во Македонија.

Проектите се финансирани од програмата „Грант помош за поддршка на мали проекти” (Grant Assistance for Grassroots Human Security Projects – GGP) основана од Владата на Јапонија.

Во продолжение ги пренесуваме деталите за секој проект посебно.

Проект за рехабилитација на Основното Училиште Свети Климент Охридски во село Драслајца, во Општина Струга

Доделени се 63.676 евра за рехабилитација на училишната зграда на основното училиште Св. Климент Охридски од селото Драслајца, во Општина Струга. Поради оштетувања на дрвените врати и прозорци, кои не се обновени од самата изградба во 1985 година, наставата во училиштето се одвива во отежнати услови, особено во зимскиот период кога температурите во просториите не го достигнуваат потребниот минимум.

Владата на Јапонија за овој проект доделува финансиски средства за целосна замена на вратите и прозорците на училиштето, како и инсталација на аларми системи за противпожарна заштита, со цел да им се овозможат соодветни услови за настава на учениците.

Проект за рехабилитација на Основното училиште Вук Караџиќ во Општина Куманово

Доделени се 67.830 евра наменети за реновирање на кумановското основно училиште Вук Караџиќ, изградено во почетокот на седумдесеттите години. Кровот и дрвените прозорци на училиштето се сериозно оштетени, а како последица од тоа ѕидовите се полни влага и има недостаток на топлина во училниците и ходниците во текот на грејната сезона.
Преку овој проект, Владата на Јапонија ќе финансира целосно реновирање на кровот на училиштето, набавка на нови и замена на старите прозорци, со што значително ќе се подобри безбедноста на учениците, а загревањето на училишните простории ќе може да се оствари со полн капацитет.

Проект за опремување на Пелагонискиот плански регион со механизација за превенција од поплави во Пелагонискиот Регион

Обезбедени се 69.360 евра за набавка на механизација, ровокопач-булдожер, со соодветна опрема, за чија употреба е задолжен Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион. Поплавите од изминатите две години кои го погодија овој регион, го намалија производството на храна и житни култури, ја оштетија инфраструктурата во општините, а нејзините жителите сè уште се соочуваат со последиците на нарушена хигиена и загадена вода за пиење.

Соочени со ризиците од поплави, девет општини од Пелагонија и Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион, изготвија шема за реконструкција и одржување на дренажните системи во регионот, со цел да ја зголемат превенцијата од природни непогоди во иднина.

Преку набавка на специјализирано возило, Владата на Јапонија ќе му овозможи на локалното население да живее и работи во средина со намален ризик од природни непогоди.

Проект за опремување на Унверзитетската Клиника за Гастроентерохепатологија со медицинска апаратура

Се доделуваат 69.388 евра за набавка на најсовремена медицинска опрема на Универзитетската клиника за Гастроентерохепатологија во Скопје, со цел навремено дијагностицирање и превенирање на заболувања. Тимот на клиниката постојано работи на рано дијагностицирање на канцер на дигестивните органи, како еден од главните причинители за смртност кај жителите во Македонија. Сепак, големиот број на пациенти и застарените модели на апаратура кои често се расипуваат, го ограничуваат бројот на прегледи кај новите и хроничните пациенти, или пак бараат резултатите да се поткрепат со дополнителни испитувања.

Владата на Јапонија го доделува овој грант за набавка на современа апаратура за ултразвук, со цел пациентите да бидат лекувани навремено и со зголемена ефикасност.

Проект за опремување на Против-пожарната единица во Општина Велес со ново противпожарно возило

Обезбедени се 60.442 евра за набавка на ново противпожарно возило, пожарникарска опрема и апарати за комуникација помеѓу пожарникарите на Територијалната Против-пожарна единица Велес. Оваа против-пожарна единица, освен на територијата на Општина Велес, е задолжена за интервенции и во соседните општини Градско и Чашка. Поради автентичните градби во градот Велес, како и специфичната архитектура која ја карактеризираат стрмни и тесни улици, големите пожарникарски возила често не се во можност да пристигнат до местото на интервенција и соодветно да делуваат. Постоечкото помало возило со кое располага единицата е веќе дотраено, поради што често не е во возна состојба. Центарот на Вардарскиот плански регион е носител на овој проект, задолжен за набавка на возилото и снабдување со соодветна опрема на Територијалната Против-пожарна единица Велес.

Владата на Јапонија преку овој проект ќе ја финансира набавката на ново против-пожарно возило за урбана средина, пожарникарска опрема и радио станици за пожарникарите, со цел да се зголеми ефикасноста на терен во случај на пожар.

Проект за опремување на Општата Болница Охрид со амбулантно возило

Обезбедени се 37.930 евра за Општата Болница во Охрид, главен медицински центар во овој регион. Основана во 1964 година, болницата лекува пациенти од околните села и градови, но и од соседна Албанија. Пациентите кои не можат да добијат соодветно лекување во болницата, често се пренесуваат во клиниките во Скопје и Битола. Амбулатното возило со кое располага болницата е старо, често се расипува и болницата е принудена да позајмува амбулантни возила од други здравствени центри.

Со овој проект, Владата на Јапонија, одобрува финансиска поддршка за купување на ново амбулатно возило, за да се подобри транспортот на пациентите кои поради лекување мора да бидат пренесени во други болници во државата.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП