7 мај, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОЛино Червар повеќе не е селектор на ракометната репрезентација

Лино Червар повеќе не е селектор на ракометната репрезентација

Заврши сагата околу тоа дали Лино Червар ќе остане селектор на ракометаната репрезентација на Македонија, откако по завршувањето на Светското првенство доби понуда да се врати на кормилото на хрватскиот национален тим. Во неделата, Ракометната федерација на Македонија (РФМ), на својата интернет страница објави дека е раскинат договорот со Лино Червар и дека во најскоро време ќе се обиде да најде нов селектор.

Лино Червар нецела година беше селектор на ракометната репрезентација, а на промоцијата,а и неколку пати потоа истакна дека негова цел е Македонија да ја однесе на Олимписките игри во Токио во 2020 година.

Сепак трофејниот тренер нема да го одработи до крај свјот договор, бидејќи ќе се врати на кормилото на хрватскиот национален тим.

Прекинот на соработката со Червар, РФМ го објави преку соопштение на својата официјална интернет страница.

„По завршувањето на XXV машки ракометен Мундијал во Франција, во јавноста почнаа да се изнесуваат информации за евентуален трансфер на селекторот на машките ракометни сениори, Лино Червар, на клупата на хрватската национална селекција.

По неодамнешните разговори помеѓу членовите на високото раководство на Ракометната Федерација на Македонија и Лино Червар, во поглед на наводите за неговиот трансфер на клупата на хрватската национална селекција, двете страни договорија рок во чии рамки г. Червар требаше да ја извести Федерацијата за својата одлука.

По завршувањето на тој рок, на 11. март 2017 година, Червар упати писмо до претседателот на РФМ, во кое се заблагодарува на соработката и третманот кој го имал за време на неговиот тренерски мандат, а во однос на неговата одлука за селекторската функција, во дописот меѓу другото се вели: „… Дали тоа да биде со репрезентацијата на државата во која сум роден, во која основав семејно гнездо, во која се изградив, развивав и афирмирав како ракометен тренер и ги постигнав најголемите светски успеси и во која кога-тогаш морам да се вратам и вечно да останам или да се одредам за репрезентацијата на една мала, горда држава, мојата втора татковина, која ме дочека и прифати како свој тренер на кој му даде сѐ што може да се даде? Сепак, ја одбрав Хрватска, мојот роден крај, мојата земја…“, стои во дописот.

Земајќи предвид дека Червар се изјасни за хрватската селекторска позиција пред Македонија, со предметниот допис автоматски се активира и правниот инструмент за едностран раскин на договорот кој Червар го има со Ракометната Федерација на Македонија.

Со цел да се надмине оваа несакана ситуација настаната во екот на подготовките за квалификациски натпревари, Ракометната Федерација на Македонија во претстојниот период ќе ги мобилизира своите ресурси и во рамки на Федерацијата ќе формира тело за селекција на потенцијални кандидати за испразнетата селекторска позиција.

Ракометната Федерација на Македонија ќе вложи максимални напори со цел да се задржи континуитетот на големи натпреварувања на машките ракометни сениори и во боите на националниот дрес заеднички да одиме во нови походи“, стои во соопштението на РФМ.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП