18 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАОд 1-ви јануари РКЕ ќе ја утврдува цената на водата

Од 1-ви јануари РКЕ ќе ја утврдува цената на водата

voda 003

Од 1 јануари следната година Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) ќе биде надлежна за утврдувањето на цената и тарифите на водните услуги на јавните комунални претпријатија и водостопанствата кои се производители на сирова вода во општините со повеќе од 10.000 жители, а од 1 јануари 2019 година и за сите општини во Македонија.

Во четврток во Скопје се одржа јавна расправа на која се разгледуваа Предлог правилникот и Предлог методологијата за утврдување тарифи за водните услуги и сите засегнати можеа да достават забелешки и мислења. Потоа ќе следува подготвителна седница на РКЕ на која уште еднаш ќе можат да се поднесат забелешки, а на крај правилникот и методологијата ќе бидат усвоени на седница на РКЕ.

„Делегирањето на надлежноста на РКЕ за утврдување на цените на водните услуги ќе значи воведување ефикасен систем на утврдување на цените и тарифите што ќе им овозможи на сите компании кои ќе достават барање и ќе користат тарифа да имаат предвидливи услови. Тарифата ќе треба да им ги покрива оперативните трошоци, амортизацијата и да им овозможи правилно насочување на сите средства во подобрување на инфраструктурата со крајна цел подобрување на квалитетот на услугите кои ги нудат на потрошувачите, како и достапни цени за сите потрошувачи на водата за пиење“, рече претседателот на РКЕ Димитар Петров.

Тој посочи дека ќе има тарифи за сирова вода, за вода за пиење, за собирање и одведување на отпадните води и за прочистување на отпадните води кои ќе бидат составен дел на надоместокот што ќе го плаќаат граѓаните. Подоцна ќе се изработи и упатство за поднесување барање за тарифи за компаниите.
„Компаниите треба да достават предлог тарифа, предлог на усогласување на тарифите и бизнис планови кои се составен дел на барањето за утврдување на тарифите. Нашата улога, за разлика од останатите регулурани цени на компаниите од делот на енергетиката, ќе биде поразлична. РКЕ ќе доставува решение за утврдување на тарифа во која се утврдува и опсег на користењето на тарифите со плус и минус проценти во однос на утврдената тарифа. Јавните комунални претпријатија имаат обврска сето тоа да го усогласат со советитете на општините каде што ги даваат услугите и со градоначалникот“, појасни Петров.

За компаниите кои не се подготвени и не доставиле барање или, пак, не може да се усогласат со тарифите кои ги дала како предлог РКЕ, односно не донесат одлука, нагласи, регулаторот ќе има право да утврди регулаторна тарифа за водната услуга која ќе биде егзактна, единствена и извршна за компанијата која треба да ја применува.

Петров рече дека се уште не се направени анализи дали по преземањето на утврдувањето на цената на водните услуги од регулаторот ќе има поскапување или поевтинување на цената на водата за пиење.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП