15 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКонфедерацијата на слободни синдикати на Македонија промовира еднаквост во платите за мажите...

Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија промовира еднаквост во платите за мажите и жените

ccc

Еднаквоста во платите за жените и мажите е првиот важен чекор кон поголема еднаквост во општеството, бидејќи разликите во платите се едни од најочигледните и мерливи облици на дискриминација.

Но, иако еднаквоста е загарантирана со закон, стереотипи и родова дискриминација сè уште постојат во Македонија, и тоа е нешто на кое сите треба да работат за да се смени, сметаат од Секцијата на жени од Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија – КСС. Според последните податоци жените во просек заработуваат 12,5% помалку во однос на мажите или ако за основа се земе просечната плата од 22.380 денари, жените заработуваат 19.582 денари месечно.

Трудот на жената е потценет, а таа потешко се вработува на одредени работни места, поради воспоставените стереотипи дека одредени работи се само за мажи, а други за жени.

caa

Со цел намалување на овој јаз и кршење на овие застарени стереотипи Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија – КСС, организираше прес-конференција со цел уште еднаш да испрати порака до јавноста, до сопствениците и менаџерите на македонските компании дека платата треба да биде резултат на трудот, и само на трудот, независно од полот. Не треба да има полова дискриминација при вработување, сите треба да имаат еднакви шанси, а само вредноста на вложениот труд треба да биде основа за детерминирање на платите. Денес во свет на еднаквости, не треба да постои поделба на работите на машки или женски, секој може сè да работи ако за тоа има квалификации. Генералниот секретар на КСС г. Зоран Антовски им порача на работодавачите да ги земат предвид образовните квалификации и професионалните вештини на кандидатот како критериум за вработување. Според него треба и во практика да се применува конвенцијата за еднакво плаќање од 1951 година, а ратификувана во 1991 г., како еден од осумте фундаментални стандарди за трудот. Конвенцијата предвидува унапредување на објективното оценување на работните места  врз основа на извршената работа. Препорачува да се користи родова-неутрална терминологија при објавување на конкурси за работа, односно огласот да не ги засилува стереотипите и да не упатува на полот на вработеното лице. Исто така, Конвенцијата забранува исплата на различна плата за мажи и жени за исто завршена работа.

По повеќе од 25 години од донесувањето на законска регулатива за забрана за полова дискриминација на работното место и еднаква висина на платите, срамно е што жените продолжуваат да се соочуваат со бариери. Ние, едноставно, не смееме да го игнорираме обемот на недостатоци на пазарот на труд, кој не им дозволува жените да напредуваат во кариерата како и мажите.

Многу често жените ги надминуваат мажите во секоја фаза од образованието, но со текот на времето тој успех не е награден на работното место. Жените се витален дел од работната сила и предлозите за израмнување на родовиот јаз во платите мора да бидат доволно силни, јасни и испорачани во насока на промени.

 caa

На прес-конференцијата се информираше дека според Светскиот економски форум (weforum.org) Македонија е рангирана на 73 место од 144 земји на постоење јаз помеѓу мажите и жените, а предвидувањата се дека тој нема да се затвори до 2186 година.

Настанот е поддржан од проектот Унапредување на социјалниот дијалог, кој го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот, како дел од промотивната кампања за синдикатите.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП