3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААмети: Менаџментот на Југохром да почне да работи на поставување на филтри

Амети: Менаџментот на Југохром да почне да работи на поставување на филтри

press1-680x365_c

Министерот за животна средина и просторно планирање Башким Амети во петок го повика менаџментот на Југохром да ги постави филтрите за да може вработените да се вратат на работа.

„Одложувањето и непоставувањето филтри има за последица останување без работа на повеќе од 700 луѓе. Го охрабруваме раководството на Југохром додека имаат време да покажат знаци на добра волја и да почнат што поинтензивно да работат на поставување филтри“, рече Амети на прес-конференција.

Потсети дека Државниот инспекторат за животна средина донесе одлука на 1 ноември, која менаџментот на Југохром ја обжали без, како што рече, никаква аргументација, правна и реална.

„Ние донесовме друго решение со што се продолжи рокот за можноста од поставување филтри, но се до денеска на терен нема значителен напредок во поставувањето филтри“, рече Амети.

Министерот за животна средина и просторно планирање Башким Амети ги соопшти резултатите од аеро загадувањето во Тетово. Анализата е извршена во информативниот центар на ресорното Министерство, а анализирани се четири последователни години, од 2014 до почетокот на 2017.

„Од 2012 до 2015 година концентрацијата на ПМ10 во градот Тетово и во околината беа во зголемување, а во 2016, имајќи предвид дека дел од годината Југохром не работеше, тие се намалуваат“, рече Амети.

Според анализата, концентрацијата на честичките ПМ10 во ноември 2016, кога Југохром не работи, е за 35,1 отсто помала во однос на измерената концентрација во 2014 истиот период, кога Југохром работел со половина капацитет.

„Просечна месечна концентрација измерена во ноември 2016 е за 35,3 отсто помала во однос на измерената концентрација во 2015 истиот период. Во јануари 2017, кога Југохром не работи, концентрацијата на честичките ПМ10 во воздухот се за 54,9 отсто помала во однос на истиот период во 2014, кога Југохром работи со полн капацитет“, рече Амети.

И кај измерените концентрации на ПМ10 во првите денови од март, разликата е голема. Во првите денови од март 2017, кога Југохром не работи, концентрацијата на ПМ10 е за 67 отсто помала во однос на измерената концентрација во 2014 кога Југохром работи. Просечната концентрација на 1 и 2 март 2017 кога Југохром не работи е за 69,3 отсто помала во однос на измерената концентрација измерена во истиот период 2015. Концентрацијата на почеток на март 2017 е за 60,4 отсто помала во однос на измерената концентрација во 2016 година, кога Југохром работи со половина капацитет.

Министерот информира дека се извршени и хемиски анализи на состојките на ПМ10 честичките и резултатите велат дека присуството на арсен е значително намалено кога Југохром не работи.

„Максималната е 5,17 ng/m3, a кога Југохром не работи концентрацијата на арсен во ПМ10 е 1,68 ng/m3“, рече Амети.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП