3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНајмногу пари за развој на Североисточниот плански регион

Најмногу пари за развој на Североисточниот плански регион

ramnomeren-regionalen-680x365_c

Три милиони евра се наменети за рамномерен регионален развој, а како што одлучи во четврток на седница Советот за рамномерен регионален развој, најмногу буџетски пари ќе добие најмалку развиениот, Североисточниот плански регион, 21,5 милиони денари, додека најмалку пари се планирани за најразвиениот, Скопски регион, 8,8 милиони денари.

За Источниот плански регион се проектирани 11,7 милиони денари, за Југоисточниот 13,8, за Пелагонискиот 14,8, за Полошкиот 16,4, за Југозападниот 17,6 и за Вардарскиот плански регион 19,5 милиони денари.
Со овие пари ќе се поддржат 19 проекти за развој на планските региони, 18 се за развој на селата, а 23 се за развој на подрачјата со специфичини развојни потреби.

Најголем дел од проектите, 48, или 75 отсто, се однесуваат на проектирање или изведување инфраструктурни зафати.

Целта на овие проекти е развој на осумте плански региони, развој на општините и подобрување на квалитетот на живеење.

„Унапредување на планските региони преку реализација на проекти од страна на центрите за развој и на општините, претставува одлична можност за зајакнување на конкурентноста и поголем раст на локалната економија, создавање нови работни места, подобрување на условите за образование, поттикнување на културниот и рекреативниот дух како и обезбедување на подобар животен стандард. Преку програмата за рамномерен регионален развој од 2009 година од страна на Владата досега се поддржани над 500 поединечни проекти, за чија реализација се одвоени 14 милиони евра“, изјави Владимир Пешевски, вицепремиер за економски прашања.

За североисточниот плански регион за проекти за подобрување на условите за рурален развој, за туризмот, наменети се 300 илјади евра. За југозападниот регион за изградба на енергетски ефикасни проекти ќе се инвестираат 250 илјади евра. Во Полошкиот регион за рехабилитација на локалниот пат од Сушички мост до Русино се наменети 250 илјади евра. Во југоисточниот плански регион ќе се инвестираат 225 илјади евра. За втората компонента се усвоени 23 проекти, а за третата компонента за развој на селата усвоени се 18 проекти.

„Соглансо степенот на развиеност, најмногу буџетски средства добива најмалку развиениот, Североисточниот плански регион – 21, 5 милиони денари, најмалку средства за најразвиениот регион, Скопскиот 8,8 милиони денари. Министерството за локална самоуправа ќе продолжи со поддршка на планските региони и на општините за да го поттикне развојот пред се на помалку развиените, затоа што наша одговорност е да работиме на намалување на развојните диспаритети меѓу планските региони и обезбедување јавни услуги за сите граѓани“, изјави Ширет Елези, министерка за локална самоуправа.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП