2 мај, 2024
ПочетнаКОМПАНИИЦентрална кооперативна банка АД Скопје забележува подобрување на финансискиот резултат споредено со...

Централна кооперативна банка АД Скопје забележува подобрување на финансискиот резултат споредено со минатата година

ckb

Во текот на 2016 година, Банката забележува подобрување на финансискиот резултат споредено со минатата година. Подобрувањето во најголем дел се должи на напорите на Банката насочени кон континуирано зголемување на кредитното портофлио, зголемување на обемот на операции, диверзификација на изворите на средствата за финансирање, одржувањето максимално висок квалитет на кредитното портфолио и успешното менаџирање на висината на каматните стапки.

Банката зaбележа пораст на  кредитите за 17,30% во однос на декември 2015 година, но при континуирано намалување на вложувањата во безризични пласмани, забележан е незначителен пораст на приходите од камати од 0,72% во однос на истиот период минатата година. Одржувањето на нето-каматниот приход повисок за 5,97% во однос на  нивото од претходниот период, Банката успеа да го оствари со прибирање извори на средства со пониска камата, при што расходите за камати  во четвртото тримесечје на годината се за 9,78% пониски во однос на истиот период минатата година.

Подобрената кредитна активност и севкупниот зголемен обем на работа во платниот промет во земјата и во странство доведоа до пораст на позицијата нето-приходи од провизии и надоместоци и нивно надминување за 36,62%  во однос на претходната 2015 година.

Во текот на четвртиот квартал од 2016 година, Банката изврши продажби на повеќе преземени средства, при што оствари значителна капитална добивка. Ефектите од овие настани се одразени во позицијата Останати приходи од дејноста, која изнесува 25,798 илјади мкд.

Во услови на зголемен обем на работење на Банката во тековната 2016 година, забележано е одржување на трошоците за вработени на речиси исто ниво во однос на 2015 година.

Позицијата останати расходи од дејноста бележи намалување и покрај континуираниот пораст на обемот на работа. Во четвртиот квартал оваа позиција е за 3,75% помала во однос на истиот период претходната година. Ова намалување се должи на пад на трошоците за наемнини.

Согласно со Одлуката за сметководствениот и регулаторниот третман на преземените средства врз основа на ненаплатени побарувања, евидентирана е загуба поради оштетување на преземени средства во износ од 7,189 илјади денари, што е за 66% пониско оштетување во однос на претходната година. Намалувањето се должи на намалената основица за пресметка на загубата поради оштетување на преземени средства.

Банката продолжува со високата претпазливост при преземање кредитен ризик и одржува високо ниво на квалитет на кредитното портфолио. Континуираниот раст на кредитното портфолио, доведе до пораст на издвоените резервации кои во споменатиот период изнесуваат 21,903 илјади денари и се во рамки на oчекуваните.

Во четвртиот квартал од 2016 година, Банката оствари позитивни нето-приходи од курсни разлики, кои се за 25,63% поголеми во однос на истиот период минатата година. Во претходната 2015 година, пониските нето-приходи од курсни разлики настанаа како резултат на ненадејниот висок раст на цената на швајцарскиот франк. Во 2016 година не се забележани повисоки флуктуации на девизниот пазар.

Генерално, одредени индикатори во 2016 година укажуваат на подобрена оперативна ефикасност на Банката, гледано преку намалените останати расходи, подобрените нето-приходи од камата и од провизии и надоместоци, како и подобрените останати приходи од дејноста. Видливо е подобрување на финансискиот резултат во однос на истиот период минатата година, при пораст на кредитното портфолио и пораст на депозитите од небанкарскиот сектор.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП