24 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААрсовска Томовска на министерска конференција на Светскиот конгрес за мобилни технологии во...

Арсовска Томовска на министерска конференција на Светскиот конгрес за мобилни технологии во Барселона

arsovska-barselona-680x365_c

Министерката за информатичко општество и администрација Марта Арсовска Томовска учествуваше на Министерската конференција во рамки на Светскиот конгрес за мобилни технологии што се одржува во Барселона, од 27. до 1. март.

Овој настан, кој е интегрален дел на Светскиот конгрес за мобилни технологии, претставува уникатен форум на кој учествуваат министри, извршни директори, регулатори и креатори на политики од различни краишта на светот, кои имаат можност за размена на искуства и мислења во однос на предизвиците и можностите во мобилниот сектор.

Арсовска Томовска учествуваше на тркалезната маса организирана од Светскиот Економски Форум: “Продолжување на разговорите од Давос – Откривање на општествената и индустриската вредност на дигиталната комуникација“, на која се разговараше како да се поттикне јавно-приватно партнерство во насока на искористување на придобивките на дигиталната трансформација. Се дискутираше и на теми како: Отворено и одговорно лидерство, Политики за ослободување на целосниот потенцијал на комуникациите и инвестициите, како и Проширување на опсегот на мобилната технологија за одржлив развој.

Министерката присуствуваше и на затворени состаноци со Андрус Ансип, потпретседател на Европската комисија, задолжен за единствениот дигитален пазар на Европската унија, со Сунил Митал, основач и сопственик на групацијата Барти ентерпрајсис и актуелен претседавач на Светската асоцијација на мобилни оператори GSMА, како и со други колеги министри за телекомуникации и извршни директори на мобилни оператори.

Министерската конференција секоја година забележува рекорден број на учесници од повеќе од 130 земји во светот, вклучувајќи и меѓународни организации, при што отвора широки можности за комуницирање и меѓусебно поврзување, а воедно вклучува и програми за претставување и истражување на најновите технологии. Истовремено, Светскиот конгрес за мобилни технологии, оваа година насловен како Следниот Елемент, го посетија над 100.000 посетители од целиот свет и истите имаа единствена можност на едно место да се запознаат со последните достигнувања во областите како Процесирање во облак, Интернет-на-нешта (IoT), Вештачка интелигенција, Виртуелна реалност, Паметни платформи и мрежи и многу други.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП