28 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈА2016-та фантастична за банките – солиден раст на профитите

2016-та фантастична за банките – солиден раст на профитите

banki

„Големата банкарска тројка“ – НЛБ, Комерцијална и Стопанска минатата година ја завршила со фантастични резултати, заедно заработиле над 70 милиони евра. И помалите банки книжат добивки и раст на профитот со солидно темпо.

НЛБ Банка во 2016-та остварила профит од 25 милиони и 679 илјади евра што е речиси двојно повеќе од 2015-та кога изнесувал 13 милиони и 527 илјади евра. Приходите од камати пораснале за 12.2%, а од провизии за 2.8%. Заработката по акција изнесува 1.849 денари.

„Банката ги оствари сите планирани оперативни и финансиски цели, при што зачувана високата ликвидност, стабилност и солвентност“ се наведува во анализата на финансискиот извештај објавен на Македонската берза.

И Комерцијална Банка има раст на профитот. Во 2016-та достигнал 12 милиони и 673 илјади евра, а во 2015-та бил 8 милиони и 538 илјади евра.  Приходите од камати биле помали за 3.1%, а од провизии за 3.7%. Заработката по акција е 342 денари.

„Растот на македонската економија, по забавувањето во 2016 година, се предвидува дека повторно ќе забрза. Се очекува и стабилизација на политичката ситуација со што ќе се зголеми предвидливоста за идните економски случувања“ се наведува во коментарот на финансискиот извештај објавен на Македонската берза.

Стопанска Банка – Скопје минатата година имала профит од 36 милиони и 417 илјади евра, а пред минатата од 31 милион и 116 илјади евра. Приходите од камати се повисоки за 7.9%, а од провизии за 1.8%. Заработката по акција е 128 денари.

„Овие резултати се остварени во опкружување исполнето со многу предизвици кои произлегуваат од глобалниот и домашниот амбиент. Клучни фактори за остварување на овие перформанси се дефинираната бизнис стратегија, прудентното управување со ризиците и јасен фокус на исполнување на деловните цели“ се наведува во коментарот на финансискиот извештај објавен на Македонската берза.

Стопанска Банка – Битола во 2016-та имала профит од речиси 489 илјади евра, а во 2015-та тој изнесувал 127 илјади евра. Приходите од камати се зголемени за 13.3%, а од провизии за 5.9%. Банката нема предвидено исплата на дивиденда.

„Банката и во идниот период ќе биде фокусирана на понатамошно подобрување на квалитетот на кредитното портфолио и вкупната актива преку засилени активности за наплата на нефункционални кредити“ се наведува во образложението на финансискиот извештај објавен на Македонската берза.

Охридска банка лани минатата година имала профит од 7 милиони и 73 илјади евра, а пред минатата од 6 милиони и 494 илјади евра. Приходите од камати биле поголеми за 16.6%, а од провизии за 3.1%. Заработката по акција е 991 денар.

„Банката останува насочена кон постигнувањето одржлив и профитабилен раст со освојување дополнително пазарно учество во таргетираните пазарните сегменти“ стои во коментарот на финансискиот извештај објавен на Македонската берза.

УНИ Банка успеала речиси да го удвои профитот. Во 2016-та тој бил 2 милиони и 342 илјади евра, а во 2015-та 1 милион и 328 илјади евра. Приходите од камати се поголеми за 11%, а од провизии се на речиси истото ниво. Заработката по акција е 262 денари.

„Клучна цел беше остварување на максимален профит преку оптимално ангажирање на изворите на средства во сигурни и профитабилни пласмани, земајќи ги во предвид и ризиците во домашната економија и надворешното опкружување“ се наведува во освртот на финансискиот извештај објавен на Македонската берза.

ТТК Банка 2016-та ја завршила со заработка од 1 милион и 360 илјади евра, а 2015-та со 620 илјади евра. Приходите од камати и провизии се речиси непроменети. Заработката по акција е 92 денари.

„Високата конкуренција во банкарскиот систем на влијаеше на потребата Банката постојано да го негува своето скромно учество во банкарскиот пазар, и истовремено претставуваше поттик да ја зајакне сопствената позиција како Банка која е блиска и флексибилна за малите и средните компании“ се наведува во образложението.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП