Јапонија забележа трговски дефицит од 1,09 илјади милијарди јени (9,6 милијарди долари) во јануари. Ова е прв дефицит на земјата по пет месеци поради зголемениот увоз на нафта и течен природен гас, забележува владата.
Вкупно увозот скокна за 8,5% на годишна основа до 6,5 илјади милијарди јени. Ова е прво зголемување по 25 месеци, откако увозот на нафта скокна со 35,6%, а на течен природен гас е зголемен за 6,7%, соопшти Министерството за финансии во прелиминарен извештај.
Извозот на Јапонија се зголеми за 1,3% до 5,4 илјади милијарди јени, а испораките на автомобили се намалени за 6,7 отсто, соопшти министерството.
Јапонија увезува повеќе нафта и течен природен гас, за да произведува електрична енергија по најтешката нуклеарна несреќа во Фукушима, предизвикана од земјотресот и бранот цунами во март 2011-та година. Само два од 43-те реактори на земјата во моментов работат.