Германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле изјави дека никогаш не и се заканувал на Грција со излегување од еврозоната и посочи дека земјата е „на добар пат“. Во интервју за јавната германска телевизија „ARD“, тој рече дека ако „Атина ги изврши сите реформи, нема да има проблеми, но ако не го прави – ќе има проблеми“ и тоа е пораката на сите институции, додава „Ројтерс“.
Агенцијата потсетува на зборовите на германскиот министер пред неколку недели, според кого за Грција нема место во еврозоната ако не ги исполнува рамките во спасувачката програма, потпишана во текот на летото на 2015-та година или сака простување на долгот, што го нуди Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).
И покрај несогласувањата со европските кредитори, Шојбле е оптимист дека фондот ќе остане во програмата за Грција. Пред неколку дена германското издание „Der Spiegel“ посочи дека ММФ треба да одвои најмалку 5 милијарди евра на земјата од предвидените вкупно 86 милијарди евра. Од Институцијата во оваа фаза одбиваат да дадат коментар.
Во меѓувреме, шефот на Европскиот механизам за стабилизација (ESM) Клаус Реглинг рече дека Атина има потреба од „значително помалку“ средства од предвидените во спасувачката програма. Земјата постигнала подобра од очекуваната буџетска дисциплина.
Овие коментари доаѓаат неколку часа пред почетокот на одлучувачката средба за Грција на Еврогрупата. Подоцна денеска министрите за финансии од еврозоната ќе разговараат за напредокот на земјата во спроведувањето на пропишаните рефрми од кредиторите.
Од нивното мислење ќе зависи завршувањето на вториот преглед на програмата и соодветно можноста на Атина да се вклучи во стимулирање на програма на Европската централна банка (ЕЦБ).
Затворањето на прегледот ќе биде и позитивен знак за инвеститорите и самите Грци дека земјата всушност се движи во вистинската насока. Атина не бара итно од дополнителни средства – транши кои ќе бидат ослободени со завршување на ревизијата, но загубата на довербата ќе влијае сериозно на земјата.
Подоцна во текот на неделата германската канцеларка Ангела Меркел ќе разговара постојано со шефот на ММФ Кристин Лагард и претседателот на Европската комисија. Главната тема ќе биде Грција.