Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК), во соработка со Здружението на бизнис жени во Република Македонија како и Светската бизнис организација Македонија, ја презентира глобалната платформа на жени лидери од јавниот и приватниот сектор преку која за прв пат од Македонија ќе бидат вклучени еминентни жени лидери.
Глобалната платформа на жени лидери функционира во насока на размена на искуства, креирање јавни политики и хармонизација со глобалните трендови.
Платформата ги обединува светските жени лидери од пет континенти од различни области, политика, економија, дипломатија, претприемништво, новинарство. Членството во уникатната платформа е по покана на еминентните жени лидери кои со своето работење, искуство и улога како жена лидер оставиле печат на национално, регионално и интернационални ниво. Примарната цел е остварување на меѓународен дијалог за унапредување на женското лидерство и креирање на стратешки политики за економски развој, што подразбира и развој на кариера, глобално партнерсто, како и трансфер на знаење и искуства. Исто така, платформата ја нагласува инспиративната улога на жената лидер.
„Релевантни и успешни примери за жени на лидерски позиции гледаме од кандидат за претседател на Америка, жена канцелар во Германија и жена претседател во Хрватска. Тука би ја споменал и комуникацијата на претседателот на Сојуз на стопански комори на Македонија, Данела Арсовска и претседателот на Република Хрватска, Колинда Грабар Китаровиќ. Таа ја истакна својата целосна поддршка за иницијативата и за вклучување на жени од Република Македонија во платформата. Цел на платформата е хармонизација на Македонија со глобалните трендови и прифаќање на можностите за жена како иден лидер на позиција како Претседател на држава или влада“, изјави Александар Зарков, оперативен директор на Сојузот.
Платформата ќе биде промовирана на првиот светски самит на жени лидери во Македонија 2017 GLOBAL WOMEN LEADERS SUMMIT, кој ќе се одржи во Скопје на 17 и 18 февруари 2017 година, на кој ќе учествуваат над 40 панелисти еминентни жени лидери како и над 300 учесници од пет континенти, креатори на јавни политики, дипломатскиот кор, корпоративна елита, новинарство. Глобалниот самит е од огромно значење за Република Македонија.