Германската централна банка Бундесбанк (Bundesbank) вратила околу 216 метрички тони злато од странство назад во Франкфурт, соопшти Wall Street Journal, повикувајќи се на соопштението на институцијата. Регулаторот посочи дека планот, објавен пред четири години, да врати поголем дел од германските златни резерви назад во земјата се одвива далеку побрзо од предвиденото.
Во 2016-та година банката вратила 111 метрички тони од Њујорк и 105 тони од Париз. Така минатата година била извршена целта за репатријација на 300 метрички тони злато од Њујорк, наведува Карл Лудвиг Тиле, кој членува во одборот на банката. Оваа година се очекува да биде исполнет и планот за враќање на сите 283 метрички тони од Париз, што би значело дека Бундесбанк нема веќе да има резерви во француската престолнина.
Целта на регулаторот е до 2020-та година половина од златните резерви да се во Франкфурт. Кон крајот на 2016-та година овој процент бил 47,9%. 36,6% се во Федералните резерви во Њујорк, 12,8% – во Англиската централна банка во Лондон, а 2,7% – во Француската централна банка во Париз.
Германија поседува 3.378 тони златни резерви со кои се најде на второто место по големина во светот. Тоа дека голем дел од овие резерви биле во странство, има историско објаснување, посочува онлајн изданието на магазинот „Spiegel“. Од средината на 50-тите години Банката на германските покраини (претходник на Бундесбанк) почнува да трупа златни резерви. Годините на германското економско чудо носат во Германија многу долари, кои можеле да се разменат само во злато.