4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАОтворен Младински инфо кариерен центар во Прилеп

Отворен Младински инфо кариерен центар во Прилеп

sega-prilep-680x365_c

Младинската коалиција СЕГА во соработка со Општина Прилеп и Центарот за социјална работа од овој град го отворија во четвртокот Младински инфо кариерен центар чија цел ќе биде да обезбеди дополнителна обука на 28 млади кои доаѓаат од семејства корисници на социјална помош или се специфична ранлива група на млади за кои што неопходно е да се обезбеди обука за нивно понатамошно кариерно насочување.

Станува збор за еден од ИПА проектите кои се спроведуваат во Македонија и има за цел да обезбеди социјална инклузија на ранливите категории на млади и да обезбеди можност тие да се извадат од категоријата корисници на социјална помош и да станат работоспособни.

„Преку обуките кои ќе се спроведуваат во овој кариерен центар ќе бидат опфатени 28 млади кои доаѓаат од фамилии корисници на социјална помош преку кои што обуки ќе се изработи нивно кариерно портфолио, и во зависност од нивните компетенции, знаења и вештини ќе им се даде основна насока каде да се насочат и кон кој бизнис сектор би требало да целат. Во рамките на проектот од вкупниот број на обучувани млади ќе обезбедиме за 7 до 8 од нив, првично практикантско искуство во бизнис секторот, со цел да се адаптираат на пазарот и да ги стекнат основните вештини на функционирање на работно место. Исто така, сакаме да ги искористиме мерките на АВРМ кои се однесуваат на практиканството и истите млади кои во рамките на проектот ќе тргнат на практична работа од кај нас да ги поврземе со овие мерки и на тие позиции да останат три месеца. Со тоа ќе ја зголемиме можноста да го заработат своето прво работно место во бизнисот каде ќе одат на пракса“, рече Зоран Илиески, извршен директор на коалиција СЕГА.

Центарот за социјална работа од Прилеп во овој проект е вклучен преку селектирање и вклучување на млади од семејства кои се корисници на социјална помош.

„Бројката на млади за овој проект е ограничена, а ние имаме поголем број на корисници, имаме околу 1.700 корисници на социјална парична помош. Но нормално оваа категорија на млади не е толку голема и стручните работници имаа задача да извршат селекција, со запознавање и интервјуирање на корисниците и оние кои имаат капацитет и желба да се понудат на пазарот на труд со наша помош им беше сугерирано да бидат дел од проектот“, кажа Снежана Јованоска, директор на Центар за социјална работа – Прилеп.

Во проектот ќе бидат вклучени млади на возраст од 18 до 29 години.

„Овој проект е само уште еден доказ дека Прилеп претставува една од општините лидери во Македонија кога станува збор за искористувањето на европските фондови. Така и преку оваа ИПА програма во соработка со Центарот за социјална работа и коалицијата СЕГА, се реализира овој интересен проект кој е наменет за млади луѓе од ранливи категории кои ќе можат да го искористат овој Центар кој се отвора денес да бидат поконкурентни на пазарот на трудот, односно преку знаењето и обуката која ќе ја стекнат тука ќе можат полесно да најдат работа. Ние и понатаму ќе продолжиме со поддржување на вакви проекти кои се наменети за младите, а како резултат на ваквите проекти кои се спроведуваат со НВО секторот, со АВРМ и Центарот за социјална работа им се има помогнато на многу млади луѓе да најдат работа“, изјави Марјан Ристески, градоначалник на Општина Прилеп.

Целиот проект чинел околу 150.000 евра, а вакви центри освен во Прилеп, биле отворени уште во Скопје, Битола и Штип. Вкупно во целиот проект требало да бидат опфатени околу 130 млади.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП