24 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАНови рекорди за германскиот извоз

Нови рекорди за германскиот извоз

izde003

И покрај политичката несигурност и слабоста на светската трговија, германскиот извоз бележи нов рекорд од минатата година.

Германските компании изнеле стоки и услуги во вредност од 1,207 милијарди евра, што е раст од 1,2% на годишна основа, станува јасно од изнесените податоци на статистичкиот институт со седиште во Визбаден. На овој начин извозот го надмина досегашниот рекорд од околу 1,19 илјади милијарди евра достигнат во 2015-та година. При тоа трговијата со земјите од ЕУ расте со 2,2%, додека таа со остатокот на светот се намалува за 0,2 отсто.

На крајот на годината, сепак податоците за надворешната трговија се влошуваат неочекувано. Во декември извозот опаѓа со 3,3% на месечна основа – три пати посилен пад од очекувањата на економистите. Тоа е и најсилниот пад од август 2015-та година. Увозот пак останува стабилен на месечна основа.

За целата година и увозот достигна рекордна вредност – 954,6 милијарди евра, што е зголемување за 0,6% на годишна основа.

Но извозно ориентираните компании се загрижени за иднината. Особено загрижувачка е протекционистичката политика на американскиот претседател Доналд Трамп.

„Во позадина на тесните врски со САД, многу работи за германските претпријатија се поставени на карта“, вели Антон Бјорнер, претседател на Германската стопанска асоцијација „BGA“. „Десетици илјади работни места се зависни од тоа дали европските компании ќе можат да го извезуваат слободно своето производство во САД, а американските инвеститори да инвестираат во Европа“, појаснува тој.

Податоците може да ја зајакнат меѓународната критика против германскиот економски модел кој е како трн во очите на Трамп. Неговиот главен економски советник Питер Наваро ги обвини Германците дека го користат релативно нискиот курс на еврото за своја предност за сметка на САД и европските партнери. Покрај тоа, според него Германија е главна пречка пред склучувањето на трговскиот договор меѓу европскиот блок и САД.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП