20 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМакедонија дел од заедничкиот софтвер на ЈИЕ за рана и точна прогноза...

Македонија дел од заедничкиот софтвер на ЈИЕ за рана и точна прогноза на времето

romevski-cvetkov00

Три милиони евра ќе вложи Македонија во опрема за брзо детектирање и најавување на временските неприлики, со што ќе се обезбеди капацитет за обработка на огромен број информации кои треба да дадат што поточна прогноза.

„Таква опрема е неопходна за да можеме да собереме, а потоа и да обработиме, куп информации кои прецизно ќе ни кажат во кој правец се движат временските појави, што точно ќе се случува, што можеме да очекуваме и врз основа на тоа да преземеме соодветни мерки“, изјави денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков, на меѓународната конференција што ја организира УХМР.

Во тек е и набавка на ултра модерен компјутер кој, како што дополни дректорот на УХМР Оливер Ромевски, треба да пристигне во март годинава.

Македонија ќе биде и дел од заедничкиот хидрометеоролошки софтвер на земјите во регионот. Овој т.н. Систем за рано предупредување и известување за повеќе опасни појави во ЈИЕ (SEE­MHEWS­A) е всушност платформа на која метеоролозите ќе ги идентификуваат потенцијално опасните појави и нивното влијание, особено ако тие засегаат повеќе земји.

„Земјите од регионот паралелно ќе ги следат временските појави за што побрзо и подобро детектирање, превенција и справување со непогодите. Притоа, ако хидрометеоролошкиот сервис на некоја држава нема можност да увиди одредени девијации во временските услови посебно во лето кога детектирањето е потешко, ќе се фузионираат информациите од други земји кои имаат пософистицирана опрема и кои можат да ја забележат потенцијалната појава“, објасни Ромевски.

Системот, додаде, ќе обезбеди ефективни и тестирани алатки за прогнозирање опасни временски појави, како и евентуални можни влијанија преку единствена виртуелна платформа.

Одговорајќи на новинарски прашања во врска со ланските поплави во Скопско и Тетовско, директорот на УХМР посочи дека тие биле предвидени и соодветно пријавени. И министерот Цветков се надоврза, истакнувајќи дека временските неприлики може да се предвидат, но не може да се предвиди нивниот обем.

„Катастрофалната поплава лани беше предвидена. Најава имаше на 3 август. Поплавите се предвидливи, но не и нивниот обем зашто се работи за временски услови. Да можел некој да каже, тогаш немало да има поплави ни во Германија, Австрија, Хрватска,… Можеме да помогнеме во предвидувањето на временските непогоди, но тие не може да не се случат, потенцира Ромевски.

Меѓународната конференција ќе се одржува три дена, до 9 февруари. Се организира во соработка со Светската метеоролошка организација и УСАИД како дел од проектот „Зајакнување на системот за рано предупредување на временски и хидролошки непогоди во регионот на Југоисточна Европа“.

Присуствуваат експерти од преку 20 земји, меѓу кои британски, шведски, руски, кинески,.., како и претставници од Светската метеоролошка организација и други европски организации од областа на метеорологијата и хидрологијата.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП