17 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАТурција: Приходите од туризмот паднаа за 30 проценти

Турција: Приходите од туризмот паднаа за 30 проценти

tourism-770x470

Турските приходи од туризмот паднаа за речиси 30 проценти во 2016 година, бидејќи туристите ја заобиколуваа оваа земја по серијата терористички напади и неуспешниот воен пуч.

Приходите од туризмот во 2016 година опаднаа за 29,7 проценти во однос на претходната година, на 22,1 милијарди долари (19,7 милијарди евра), наведе турскиот завод за статистика (TUIK) на својата интернет страна, пренесува агенцијата АФП.

Оваа земја ја погоди бран терористички напади за кои се обвинети исламските екстремисти и курдските милитанти, а туристите дополнително ги уплаши обидот за симнување од власта на претседателот Реџеп Таип Ердоган на 15-ти јули минатата година и пресметката со учесниците од неуспешниот воен пуч.

Во Турција во текот на целата мината година дошле повеќе од 31 милион посетители во однос на речиси 42 милиони во 2015 година, наведе TUIK.

Оваа статистика ги опфатила и турските државјани кои живеат во странство.

Туризмот е клучен сектор за турската економија, кој сочинува околу пет проценти од бруто домашниот производ (БДП), а забавувањето во овој сектор придонесе за влошување на вкупниот економки раст.

Економијата на Турција во третиот квартал минатата година прв пат забележа пад на годишно ниво од 2009 година, намалувајќи се за 1,8 проценти.

Турските официјални лица сепак се надеваат на подобри времиња во 2017 година, бидејќи очекуваат поголеми туристички посети од клучниот руски пазар по договорот за нормализација на односите на двете земји, кои беа нарушени по соборувањето на рускиот воен авион на сириско-турската граница во ноември 2015 година.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП