6 мај, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАНБРМ: Економскиот раст во 2017 ќе изнесува 3,5%, во 2018 3,8%

НБРМ: Економскиот раст во 2017 ќе изнесува 3,5%, во 2018 3,8%

nbm

Советот на Народната банка на Република Македонија денес ја одржа својата прва седница на која беше разгледан најновиот Квартален извештај, при што беше утврдено дека во текот на последното тримесечје од 2016 година каматната стапка на благајничките записи се намали за 0,25 п.п., а на почетокот на јануари 2017 и за дополнителни 0,25 п.п, со што оваа основна каматна стапка се сведе на 3,5%. Овие одлуки на Народната банка беа резултат на видливото и континуирано неколкумесечно стабилизирање на очекувањата на економските субјекти по претходно преземените мерки за справување со изразените шпекулативни притисоци од неизвесниот политички амбиент во второто тримесечје, а при натамошно задржување на оцените за стабилност на економските фундаменти.

Клучните макроекономски параметри во домашната економија главно се движеа во рамките на проекциите од октомврискиот циклус. Во третиот квартал од 2016 година бруто домашниот производ оствари годишен раст од 2,4%, при што носечки сектор повторно е градежништвото. Генерална оцена е дека во текот на целата 2016 година економијата продолжи да расте, а стапката на раст е блиску до очекуваниот раст од 2,3% наведен во октомвриската проекција. На збирна основа, економскиот раст за првите три квартали од годината изнесувал 2,7%, наспроти очекуваниот раст од 2,1% во проекцијата. Се очекува проектираниот раст на БДП за цела 2017 да изнесува 3,5%, а за 2018, 3,7%. Ризиците околу остварувањето на ваквото макроекономско сценарио не се позначително променети во однос на октомвриските проекции и главно се поврзани со неизвесното окружување.

Во рамки на надворешниот сектор, остварувањата во третото тримесечје од 2016 година укажуваат на остварен суфицит во тековната сметка од 1,4% од БДП, што е на ниво на очекувањата со октомвриската проекција. Притоа, подобри остварувања бележи салдото на стоки и услуги, додека мало негативно отстапување се забележува кај салдото на примарниот доход. Истовремено, во финансиската сметка беа остварени високи приливи на нето-основа од 428 милиони евра, или 4,5% од БДП, а главно како резултат на надворешното задолжување на државата. Девизните резерви се задржаа на адекватно ниво во текот на целата година. И во 2017 и 2018 година се очекува кумулативен раст на девизните резерви, како и нивно задржување во сигурната зона, односно на ниво соодветно за справување со непредвидени шокови.

Во третиот и во четвртиот квартал на 2016 година вкупната инфлација изнесуваше минус 0,1%, што доведе до пад на потрошувачките цени за целата година од минус 0,2%. Базичната инфлација, којашто ги исклучува храната и енергијата, во текот на целата година беше позитивна. Во 2017 и 2018 година се очекува умерено забрзување на вкупната инфлација на 1,3% и околу 2%, соодветно, но оваа проекцијата и натаму е придружена со ризици, главно поврзани со движењата на светските цени на нафтата и храната, како и со растот на домашната економија.

Остварувањата покажуваат дека и покрај зголемените ризици поврзани со фактори од домашна и надворешна природа, темелите на домашната економија останаа солидни и во 2016 година. Девизниот пазар и депозитите во банкарскиот систем, коишто беа под најголемо влијание на политичките случувања од вториот квартал, до крајот на годината повеќе од целосно ги надоместија претрпените одливи. Економијата и понатаму закрепнува со солидно темпо, во еден дел поддржана и преку кредитната активност на домашните банки, а тоа закрепнување се одвива без ценовни притисоци и во услови на натамошно одржување соодветно ниво на девизните резерви. Ризиците за економијата и натаму се оценуваат како неповолни и се поврзани со домашниот политички амбиент, а присутни се и надворешните ризици. Оттука, Народната банка и во следниот период внимателно ќе ги следи движењата, а идните промени во монетарната политика во голема мера ќе бидат условени од понатамошното стабилизирање на домашниот политички амбиент, како и од остварување на надворешните ризици.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП